Во петок (25 ноември) во Археолошкиот музеј на Македонија, во организација на Центарот за истражување на предисторијата – ЦИП, ќе се одржи археолошката конференција „Неолитот во Македонија II“.
Ова е второ издание на конференцијата посветена на резултатите од истражувањата на неолитските локалитети и материјалната култура во Македонија и нејзината околина.
На овогодишната конференција ќе учествуваат повеќе археолози од Македонија и странство кои ќе ги презентираат своите истражувања поврзани со рекогносцирањата на неолитските локалитети во Скопскиот и во Пелагонискиот регион, систематизацијата на хронологијата врз база на новите C¹⁴ анализи, објектите од лепеж крај печките, протоматематиката применета во изработката на материјалната култура, континуитетот на моделите на куќи, палеоботаничките анализи на органски примероци, примената на ГИС при израбоката на дигитална топографија на локалитетите, како и 3Д моделирањето на тумбите.
Во неколку излагања акцент ќе се стави на врските меѓу неолитските локалитети во Македонија и Бугарија, и тоа особено на оние што комуницирале по долината на реката Струма.
Во рамки на конференцијата ќе се промовира и зборникот „Неолитот во Македонија: нови перспективи и сознанија“, што е резултат од минатогодишната конференција и рефератите презентирани во неа. Уредници на зборникот се Љубо Фиданоски и Гоце Наумов, и во него се вклучени 11 научни трудови поврзани со најновите истражувања на неолитските локалитети и материјалната култура.
Како вовед во конференцијата ќе се одржат предавањата на реномираните бугарски колеги, проф. д-р Васил Николов и доц. д-р Крум Бачваров од Националниот институт за археологија при Бугарската академија на науките. Предавањата ќе се одржат на 24.11.2016 (четврток) во 13.00 часот во Археолошкиот музеј на Македонија и тоа по следниот редослед:
– „Провадија – Солницата: предисториски градски и стопански центар за производство на сол“, проф. д-р Васил Николов.
– „Нова Надежда: предисториска и протоисториска населба на брегот на Марица“, доц. д-р Крум Бачваров.