Пионерот на полето на БИМ технологијата, ArchiCAD, доби нова верзија со ознака 19. Во своето триесетгодишно постоење, ова е 25-тото издание кое го носи името ArchiCAD.
На 5 мај годинава, Graphisoft, компанијата што го развива ArchiCAD, ја објави 19-тата верзија на популарната БИМ апликација која ќе биде достапна за продажба во јуни 2015 година. Од 19-тата верзија се очекува да „прибере“ многу незадоволни корисници од конкурентските БИМ апликации, а причина плус за тоа е имплементацијата на напредна технологија за побрзо процесирање.
Иако од 2006 година па наваму, Graphisoft (Nemetschek) следи исклучително кратки едногодишни циклуси за објавување на нови верзии на ArchiCAD, се чини дека секоја верзија содржи новини кои во целост го оправдуваат секое ново издание. Оваа година, тоа е технологијата Predictive background processing која, покрај претходно имплементираните 64-битната и технологиите multi-threading, ја утврдува позицијата на ArchiCAD како најбрзиот BIM на светот.
Tехнологиjата Predictive background processing го употребува неискористениот капацитет на компјутерот, со чија „сила“ ги претпоставува идните чекори на корисникот и се подготвува за нив во заднина. На тој начин, значително се зголемува реакцијата на апликацијата на корисничките барања.
Колку за потсетување, и претходните верзии на ArchiCAD ги искористуваа погодностите што ги нудат повеќејадрените процесори, но разликата во 19-тата верзија е што овој пат јадрата на процесорите се целосно и постојано искористени, односно неискористениот капацитет на процесорот се користи за да ги предвиди следните чекори на корисникот. Прашањето што се поставува по сето ова е, колку е ArchiCAD 19 побрз од својот претходник?
Веројатно, одговорот ќе биде познат откако ArchiCAD 19 ќе се појави во продажба и ќе се впрегне на дело, но засега бета тестерите коментираат дека ArchiCAD 19 е барем за 50% побрз од својот претходник. Сепак, сè зависи од хардверските перформанси на системите на кои се работи. Оние што работат на сериозни машини, како што се Mac машините со Xeon процесори со по 12 јадра, веројатно ќе останат со отворени усти, гледајќи ги перформансите.
Останатите новини опфаќаат:
- Погледите се организирани во ново претставени табови кои ја унапредуваат работната околина и овозможуваат брзо преминување од еден во друг отворен/активиран поглед (основа, пресек, изглед, 3д поглед и слично).
- Побрза навигација низ моделот со помош на технологијата OpenGL, дури и кога се работи со поголеми и „потешки“ модели нудејќи искуство (real-time performance) кое е својствено за гејминг индустријата.
- Нови помошни водилки ( Guide Lines, Snap Guides и Snap Points) кои обезбедуваат графичка помош и поголема прецизност при моделирањето.
- Интерактивна алатка (3D Surface Painter) за модификација на површините на моделот преку „фати и повлечи“ (drag and drop), опција за менување на типот на површината (материјал, боја, текстура) со помош на палета со материјали.
- Поддршка за Point Clouds – фајлови креирани со помош на ласерски 3Д скенери кои можат да бидат директно импортирани во ArchiCAD 19, со цел визуелизација на изведената состојба на објектот што бил предмет на снимање.
- Подобрена IFC поддршка за моделите создадени во други БИМ апликации со која е овозможено импортираните БИМ модели да изгледаат идентично како и во апликацијата во која биле креирани. Дополнително, за IFC MEP елементите што биле внесени во ArchiCAD 19, воведена е опција за детекција на преклопувања (clash detection). На тој начин ArchiCAD 19 продолжува да биде голем поддржувач на иницијативата Open BIM.
- Подобрувања во делот на означување и котирање со цел поуредно опишување и креирање на техничка документација.
- ArchiCAD 19 е унапреден со опции за подобро импортирање на модели креирани во Rhinoceros, со цел искористување на алатките за слободно 3д моделирање.
- Layout-ите сега можат да бидат експортирани во ПДФ формат кој ги препознава слоевите (layers) во моделот за поголема визуелна контрола на приказот на елементите според слоеви.
- Унапредувања има и на Teamwork и BIM Server, кои овозможуваат подобар BIM менаџмент.
ArchiCAD 19 ќе донесе и 26 локални верзии кои треба да се комплетираат во третиот квартал од 2015 година. Меѓу нив не е македонскиот јазик, што е очекувано. ArchiCAD 19 побарува Windows 7 (64-bit version) или понов, 64-битен процесор со барем две јадра, 4 Гб РАМ, графичка картичка компатибилна со OpenGL 2.0, екран со резолуција од 1366 x 768 или поголема.
Како заклучок од овој преглед на ArchiCAD 19 кој се базира на објавените информации, може да се констатира дека Graphisoft продолжува да биде пионер на полето на БИМ технологијата. И дефинитивно, продолжува да биде најбрзиот БИМ во светот.