Лауреатот на Прицкеровата награда за 2016 година, чилеанскиот архитект Алехандро Аравена годинава се закити со уште една награда. Се работи за „Наградата за одржлив развој на Гетеборг“ (Gothenburg Prize for Sustainable Development) меѓународна награда која се доделува на тимови или поединци за „извонредни постигнувања кон одржлива индина“. Наградата се доделува секоја година уште од 2005-та, а досега се наградени научници, инженери од областа на животната средина, политичари и сл. Аравена е првиот архитект кој ја има честа да ја добие наградата.
Во образложението за доделување на наградата, жирито, меѓу другото, вели: „Аравена е иновативен архитект кој заедно со своите колеги од Elemental креираат посебна филозофија на проектирањето, која ги вклучува граѓаните како решение а не како дел од проблемот. На тој начин се креираат мостови помеѓу граѓаните, бизнисот и политиката“.
Жирито при доделувањето на наградата балансирано ги вреднува сите аспекти на одржливоста: економијата, животната средина и социјалата. Наградата, која вклучува и паричен дел во вредност од еден милион шведски круни (околу 100.000 евра), ќе биде официјално доделена на пригодна церемонија на 22 ноември годинава во Гетеборг.