Насловна / Арт и дизајн / Апстракцијата во современото македонско сликарство и скулптура

Апстракцијата во современото македонско сликарство и скулптура

Утре (29 декември), во 12 часот, во објектот Чифте амам на Националната галерија на Македонија, ќе биде поставена изложбата „Апстракцијата во современото македонско сликарство и скулптура“.

На изложбата се претставени осумдесетина дела од повеќе македонски уметници од сите генерации, меѓу кои Петар Мазев, Драгутин Аврамовски-Гуте, Петар Хаџи Бошков, Миле Корубин, Борис Николовски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Јордан Грабулоски, Борко Лазески, Слободан Филовски, Танас Луловски, Татјана Миљовска, Златко Глигоров, Благоја Маневски, Решат Ахмети, Влатко Миладинов и други.

717-mazev-petar-izgoren-pejzazh-1963

Петар Мазев „Изгорен-пејзаж“, 1963

Изложбата ретроспективно ја елаборира појавата и развојот на апстрактната уметност во современото македонско сликарство и скулптура од периодот на шеесеттите години на минатиот век до денес, потенцирајќи ја притоа непредметната уметност (во сите нејзини варијации) како доминантен израз (и) во македонската ликовна уметност од втората половина на дваесеттиот век до денес. Едновремено, изложбата има за цел да потсети на можеби подзаборавените македонски уметници фасцинирани од оваа визеулна приказна, чиешто творештво засекогаш останува неразделен дел не само на апстрактниот исказ туку и на македонската уметност во целина. Дури и денес, во поодминатите години на постмодерната и новите медиуми, непредметната уметност е се’ уште тука, околу нас и во ателјеата на македонските уметници, иако можеби не и’ посветуваме доволно внимание.

1061-mishev-slika-xlix-1992

Томе Мишев „Слика XLIX“, 1992

Она што можеби треба веднаш да се потенцира е чувството дека македонската апстракција, во сите нејзини изразни форми, уште од самиот почеток па се’ до денес, дејствува сигурно, самосвесно, автономно. Поточно, во најголем дел, појавата (и развојот) на апстрактната уметност кај нас е производ на нужност а не само афинитет, сосема спротивно на некои можни дилеми дали таа воопшто може да му биде блиска на македонскиот уметник. Во забрзаното чекорење кон „достигнувањето на светот“ во педесеттите години на минатиот век, апстракцијата секако била првиот, или меѓу првите, предизвици.

1117-hadzhi-boshkov-petar-torzo-1964

Петар Хаџи-Бошков „Торзо“, 1964

Односно, кај нас таа беше и културолошки и творечки предизвик! Таа, непредметната уметност, во сите нејзини изразни форми бргу стана доминантен творечки исказ на македонската ликовна сцена во тоа време. И се одржа до денешен ден, можеби не со таа силина и опфат, можеби не со таа бројност на приврзеници односно следбеници, но се’ уште како интересен предизвик, дури и за помладите постмодерни генерации.

Автор на изложбата е Златко Теодосиевски.

Испрати коментар

Scroll To Top