Насловна / Форум / Еутаназија на јавниот простор

Еутаназија на јавниот простор

dsc04379a.jpgАлександар ПЕТРОВСКИ, дипл.инж.арх.

Прекрасна идеја е да се дооформи центарот на Скопје со новоизградени објекти и неизградени урбани простори. Идејата и одважноста да се осмисли овој заборавен простор и да се постават врски помеѓу градителските и природните карактеристики присутни во централното јадро, (Вардар, Кејот, Камениот мост, Калето, плоштадот и околните објекти) ја заслужува безрезервната поддршка на граѓаните и стручната јавност на Скопје и Републиката.

Досегашните активности околу уредувањето на Плоштадот и Малиот Ринг беа главно околу реализација на ад хок вметнати објекти кои ја „имаа целата потребна документација“.

Но, дали оваа храбра замисла изнедри креативни решенија во третирање на просторот и архитектонскиот израз? Се чини дека преземените активности околу реализацијата не беа адекватни на предизвикот за урбанизирање на најрепрезентативниот и најградскиот простор во Македонија. Организирањето меѓународен (па и повикан) конкурс ќе значеше и голема промоција за државата.
Во актуелната Програма со која треба да се уреди просторот на Малиот ринг според проектот ,,Скопје 2014“, е предвидена изградба на културни и административни содржини. Административните објекти се интровертни по својот карактер и не го анимираат околниот простор, туку напротив, истиот го еутаназираат. Овие објекти го узурпираат просторот што припаѓа на сите граѓани, го деградираат квалитетот на платото пред МОБ и го нарушуваат пешачкото движење покрај Вардар, со што се уништува еден од трајните урбани квалитети на Скопје. Можеби таквите објекти се потребни, но не на ова место. Овој дел од градот има потреба од содржини кои привлекуваат граѓани во текот на целиот ден и кои поттикнуваат активности од различен вид, со што градскиот простор ќе живее 24 часа.

Секое време и секоја генерација оставаат свои траги за своето постоење, своите соништа и приказни. Овие траги особено се впечатливи кај архитектонските објекти кои се одраз на потребите на луѓето и на материјалните, културните и техничките можности на времето во кое се создаваат.
Каква би била приказната за централното градско подрачје на Скопје? Што можеме да прочитаме од новопроектираните објекти и преработените фасади во стилови од други времиња во кои некаде, некогаш живееле некои други луѓе? Дали треба да ги сонуваме туѓите сонови и да ги раскажуваме туѓите приказни? Тажно.

Испрати коментар

Scroll To Top