Новиот административен објект на Општина Карпош ќе се изведува
според идејното решение на победниците на конкурсот што го
распиша Општината. Според авторите од архитектонското студио
СКАрС+Архитектри: Јован Ивановски, Горан Мицковски, Владимир
Десков, Ана Бораниева, Ристо Аврамовски и Дејан Ивановски, новата
општинска зграда треба да се вклопи во постојното соседство и да
биде пристапна за граѓаните во секое време.
Премините меѓу нивоата
ќе бидат природно осветлени од внатрешниот двор, кој по својата
геометрија, авторите го споредуваат со мозаикот од локалитетот Скупи.
Симболиката е во тоа што Скупи е првата урбана тврдина на територијата
на градот Скопје, а денес се наоѓа во рамките на Општината.
Локацијата на која се предвидува изградба на административниот објект на Општина Карпош се наоѓа во населбата Карпош 3, помеѓу булеварот Партизански одреди и улицата Никола Русински, поточно на просторот на времените бараки 3 и 4 каде што и досега беше сместена админстрацијата на општината. Објектот има приземје, три ката и поткровје. Главниот влез на објектот е на западната страна од локацијата. Пристапот за пешаци е преку патеката што ги поврзува булеварот Партизански одреди и улицата Никола Русински.
Пристапот за возила е обезбеден преку улицата Никола Русински од каде преку сообраќајна рампа се доаѓа до подземниот паркинг за 70 возила. Новата општинска зграда е интерполирана во рамките на постојното, односно проектираното соседство. Преку пасажот што е пробиен на јужната граница на градежната парцела, со пешачки коридор се поврзуваат внатрешната зона на трговскиот центар “Лептокарија” на источната страна, со објектите во кои се сместени подрачните единици на Македонска Пошта, Македонски Телекомуникации, како и супермаркетот “Тинекс” на западната страна.
Дополнително, преку повлекување на приземјето на објектот, просторот пред главниот влез во општинската зграда е трансформиран во собиралиште од јавен карактер каде изградениот пејзаж се збогатува со ново просторно искуство – трем. Преку ваквото, етапно преминување од јавниот простор на улицата кон јавниот простор во рамките на самиот објект, на одреден начин се омекнува институционалното пристапување кон општинската зграда. Дополнително, преку обработката на подот која на ниво на приземје е идентична, како надвор така и во влезниот хол, фоајето се претвора во своевидно продолжение на јавниот простор.
На обликувано ниво, новата административна зграда е конфигурирана како просторен систем во кој архитектурата ги интерпретира природните, културните, урбаните и политичките особености на Општина Карпош. Архитектонскиот пристап се базира на неколку наративи кои воедно се и главни карактеристики на општината: демократија, урбаност и пејзаж. Јасната типологија, функционалната организација на програмските содржини, структуралната логика и материјализација, недвосмислено упатуваат на седиште на современа општина.
Во рамките на самиот објект, водечка тема е централниот хол кој претставува отворен повеќевисински простор околу кој програмски се надоврзуваат општинските служби. Внатрешните врски со нивоата се групирани околу природно осветлен внатрешен двор, околу кој е инициран топол пејзаж на минување. Со особено внимание во проектот е третирана и траекторијата, односно просторот во кој ќе се остварува протоколот на венчавки на идните младенци. Во недостаток на соодветен простор на градско ниво, посетата на матичната служба во Општина Карпош ќе претставува впечатливо церемонијално искуство. Проектот предвидува внесување на вегетација во рамките на самиот објект, како и употреба на дрвото како завршна обработка.
Од еколошко-енергетски аспект, со оглед на изложеноста на кровната фасада кон сончевата јужна страна, самоодржливоста на објектот е дополнително стимулирана преку користење на алтернативни еколошки извори на енергија, како фотоволтаични соларни системи од ќелии кои овозможуваат генерирање на струја преку директна конверзија на соларната радијација.
Новата административна зграда е конфигурирана како просторен систем во кој архитектурата ги интерпретира природните, културните, урбаните и политичките особености на Општина Карпош.
Архитектонскиот пристап се базира на неколку наративи кои воедно се и главни карактеристики на општината: демократија, урбаност и пејзаж.