Насловна / Вести / Антички град во Ирак основан од Александар Македонски откриен по 2.000 години

Антички град во Ирак основан од Александар Македонски откриен по 2.000 години

Археолози во Ирак открија град кој бил изгубен повеќе од 2.000 години со помош на фотографии од дрон и декласифицирани разузнавачки снимки, јавуваат агенциите.

Калатга Дарбанд, за кој се верува дека бил основан во 331 година пред нашата ера од страна на Александар Македонски и го населиле 3.000 негови воени ветерани, бил откриен од тим на ирачки и британски археолози предводени од експерти на Британскиот музеј.alek mak

Џон Мекгенис, кој го предводи тимот на терен, за Тајмс изјави: „Сѐ уште е рано, но мислиме дека ова бил енергичен град на патот од Иран кон Ирак. Можете да ги замислите луѓето кои им давале вино на војниците што минувале оттука“.

Локацијата првично го привлекла вниманието на археолозите по објавувањето на декласифицирани сателитски снимки на ЦИА од 1960-тите, на кои се гледаат контурите на урнатините.

Мекгинис и неговите колеги потоа употребиле дронови за да ги откријат градбите кои лежеле под земја со векови.

Се смета дека Калатга Дарбанд, чиј назив на курдски отприлика значи „дворец на планинскиот премин“, бил на патот на Александар Македонски кога тргнал во нападот на Дариј Трети во Персија.

Меѓу пронајдените предмети има женска фигура, за која се смета дека ја претставува Персефона, грчката божица на вегетацијата, додека другата машка веројатно го претставува Адонис, богот на плодноста.

Најдена е и паричка со ликот на Ородес Втори, кралот на Партија кој владеел од 57 до 37 година пред нашата ера.

Градот го штитела голема тврдина која се простирала од реката до планината, а вкупно зафаќал 60 хектари.

Проектот за истражување на локалитетот е дел од 40 милиони долари вредниот план на ирачката влада да ги обнови историските места уништени од Исламска држава. Програмата вклучува и обука на ирачки археолози во Британскиот музеј во Лондон.

Истражувачите сега трагаат по писмен доказ за нивните сомнежи.

Испрати коментар

Scroll To Top