Станарите на куќата Catwalk House во Љубљана, кои за нивниот проект го ангажирале бирото OFIS Arhitekti, се четиричлено семејство кое со години се бори со тешки детски алергии. Со текот на времето, тие елиминирале речиси сè што не било природно, а следниот предизвик што си го поставиле е да изградат дом без вештачки или хемиски материјали и третмани.
Проект фокусиран и на домашни миленици
Некои од насоките поставени за формирање на концептот вклучувале и домашни миленици – мачка која никогаш не излегува во градината, папагал кој треба да има поглед кон зеленилото и куче кое не смее да ја напушти градината.
Поставената задача и постоечкото педесетгодишно дрво магнолија го диктирале концептот на проектот, објаснуваат од љубљанското архитектонско биро.
Преку концептот е формирана потребата за: балкон слободен за шетање на мачката, голем прозорец свртен кон дрвото за папагалот, оградена градина, како и сервисен простор за паркирање и складирање на градинарска опрема.
Куќата е целосно изградена од дрво, третирана со лепила и заштитни премази на потполно природна база, изолацијата е од коноп, малтерот е на глинена основа, а конструкцијата нема метални окови.
Главниот пристап до објектот е преку постојната врска со локалниот пат од западната страна на парцелата.
Објектот е со површина од 195 квадратни метри и структурно е поделен на два дела, станбен и сервисен дел. Сервисниот простор вклучува настрешница за паркинг, остава за велосипеди со простор за складирање на приземје и тераса на катот.
Главниот концепт довл до создавање на голема градина пред објектот и поставување на куќата на работ на подолгиот дел од парцелата.
Волуменот на куќата е со должина од триесет метри, а го опфаќа постоечкото дрво магнолија, а во таа зона се создава дополнителен приватен простор на отворено пред делот за ручавање.
Овој отворен простор исто така го дели влезот од станбениот дел на куќата.
Станбениот дел е поврзан со тераса преку мост
Приземјето на станбениот дел опфаќа дневна соба, кујна со трпезарија, тоалет, остава, додека спалните соби се на катот.
Станбениот дел е поврзан со терасата над настрешницата, преку мост, како дел од посебно барање на клиентите да се обезбеди приватна градина за мачките, со што ќе им се овозможи слободно да се движат во рамките на куќата, која поради тоа го добила името – Catwalk House.
Колку повеќе услови, толку подобар резултатот
Овој проект во Љубљана уште еднаш потврдува дека поголем број услови и ограничувања кои клиентот ги поставува преку проектната задача, го поттикнува архитектот на покреативни решенија, што на крајот резултира со подобар исход. Catwalk House е одличен пример за тоа како архитектурата може успешно да одговори на барањата во однос на содржината на програмата, естетиката, но и подобрувањето на здравствената благосостојба.