Речиси 40 отсто од Русите сметаат дека глобалното затоплување е измислица и предмет на шпекулации, покажува анкета на државната социолошка агенција ВЦИОМ.
Според 39 отсто од анкетираните, за пет проценти поени повеќе од пред десет години, глобалното затоплување е измислица и предмет на шпекулации на оние, кои сакаат да го искористат стравот на луѓето од природни непогоди.
Повеќе од половина од Русите (51 процент) сепак сметаат дека глобалното затоплување е сериозен проблем, кој бара итно решение, а мнозинството анкетирани (55 отсто) сметаат дека таа појава има штетни последици за Русија.
Според податоци на Светската метеоролошка организација во 2016 година температурите на Земјата трет пат го уриваат рекордот, при што се регистрирани зголемувања од околу 1,1 степени Целзиусови во споредба со прединдустриската епоха.