Насловна / Вести / Анкета: На 96,7% од велосипедистите, Центар им е секојдневна рута

Анкета: На 96,7% од велосипедистите, Центар им е секојдневна рута

1_grafikonАгенција Рејтинг, во соработка со Архитектонскиот факултет, и неформалното здружение На Точак, а за потребите на Општина Центар спроведе web анкета со која беа опфатени 895 испитаници. Целта на истражувањето беше да се обезбедат податоци од граѓаните и нивното секојдневно искуство од движењето низ градот, за проблемите со кои се соочуваат додека користат велосипед како транспорт, со крајна цел подобрување на условите за возење на велосипед и подобрување на самата велосипедска инфраструктура во Општина Центар.

Според резултатите од анкетата  високи 60,8 % од испитаниците кои се изјасниле дека возат велосипед, истиот го користат како превозно средство, и тоа  66,9% од нив секој ден или неколку пати неделно.  27,3%  од испитаниците го користат велосипедот за рекреација,  8,9% за спортување, а само 2,4% изјавиле дека не возат велосипед.

Kако главни фактори кои ги спречуваат граѓаните да возат велосипед се издвојуваат пречки на патеките, недостаток на велосипедска инфраструктура, небезбеден паркинг и небезбеден сообраќај.  Понатаму, со 82,6%, паркираните возила се убедливо најголем проблем за корисниците на велосипеди.  Потоа следат високите рабници при премин кон коловозите со 62,4%, и лошото одржување на подлогата, односно појавата на дупки, нерамнини и вирови, со 60,3%.

2_grafikon

Преку прашањето „Колку следниве фактори влијаат во изборот на рутата што ја користите за возење велосипед, во моменталните инфраструктурни услови?” откривме дека избегнување на паркирани возила и постоењето на издвоена патека за велосипеди се примарни за корисниците на велосипеди, со 59,1% и 54,2%, соодветно. Веднаш по нив следат избегнување средби со возила во движење – 48,7%, чувство на безбедност – 47,8%, и изборот на зона со помали дозволени брзини за моторен сообраќај – 27,3%.

3_grafikon

Треба да се истакне дека на високи 96,7% од корисниците на велосипед центарот на град Скопје им е дел од секојдневната или повремена рута, што дополнително ја истакнува потребата за подобрување на велосипедската инфраструктура во овој регион. Оттаму следува и високата заинтересираност за иницирање програми од Општина Центар. Имено, дури 88,3% од испитаниците би поддржале програма за планирање велосипедска инфраструктура, 82,7% за обележување велосипедски патеки, а 74,5%  за планирање на зони на смирен сообраќај.

4_grafikon

Следниот дел од истражувањето го фокусиравме кон две тековни програми на Општина Центар, кои директно ги засегнуваат корисниците на велосипеди – Цел Центар на точак и развој на апликацијата Strava. Според добиените одговори, голем дел од жителите на Општина Центар веќе аплицирале и добиле субвенции за велосипед, а високи 66,7% се заинтересирани да се вклучат. Во однос на апликацијата Strava, 46,4% сигурно би се согласиле да ја користат при возење велосипед, а 45, 1% можеби би прифатиле. Како главна мотивација да го сторат тоа, со 66,2%, убедливо се издвојува целта на собирањето податоци, односно подобрување на условите за користење на велосипедот за превоз во Општина Центар.

5_grafikon

Анализирајќи ги резултатите од истражувањето  може да се заклучи дека заинтересираност за велосипедот како превозно средство е голема, а соодветно на ова расте и потребата за квалитетна велосипедска инфраструктура. Општина Центар се стреми да ги насочи своите напори кон конкретните потреби на граѓаните, кои се осознаваат преку вакви истражувања, а се реализираат преку програми како што се „Цел Центар на точак, анализа на велосипедското движење преку апликацијата Strаva“ и „Зона 30”. Токму затоа, со задоволство го најавуваме вториот дел од ова истражување и повикуваме што повеќе испитаници да се приклучат кон истото, со цел заедно да ги подобриме условите за возење велосипед во центарот градот.

Испрати коментар

Scroll To Top