Главниот град на Турција, постојано е во сенката на најголемиот турски град – Истанбул. Навистина, Истанбул е најголемиот град во земјата, со речиси 20 милиони жители и фасцинантна историја, знаменитост сам по себе, фреквентно пристаниште или како што милуваат туроператорите да го рекламираат „За некои градови малку е еден континент“. Но, Анкара иако втор град по големина е дипломатскиот, административниот и деловниот центар на Турција. Пристаниште без море, поточно сидро без море, бидејќи самото значење на неговото име е всушност „сидро“, од грчкиот збор Ánkyra. Иако трагите за првата населба на ова место водат наназад до бронзената доба, сепак градот под ова име е формиран во третиот век пред нашата ера. Претходно, познато е дека тука минал и Александар Велики со својата војска на патот кон еден од неговите походи, но се задржал кратко време. Еден од најзначајните споменици од римско време е Храмот на Август и Рим, од првиот век пр.н.е., непосредно по освојувањето на Анадолија од страна на Римјаните, формирањето на провинцијата Галата и прогласувањето на Анкара за нејзин главен град.
ПУЛСИРАЊЕ ВО РИТАМОТ НА ДИНАМИКАТА
Носејќи го во себе потписот на многуте освојувачи и различни епохи, Анкара денес постојано кокетира помеѓу традиционалното и модерното. Градот ги чува историските знаменитости и вредности, но цврсто го прегрнува модерното и на полето на архитектурата и на полето на технологијата и бизнисот. Шетајќи низ улиците на градот, на моменти заборавате дека се наоѓате на Средниот Исток. Иако во градот живеат пет милиони жители, нема никогаш да почувствувате недостиг на простор или пак метеж. Сè е мирно, организирано, комотно и ненаметливо… Секојдневно сè пулсира во ритамот на динамиката која ја наметнува современиот западен свет. Само повремено, повикот на молитва – езанот од џамиите ве потсетува дека сепак ова е Ориентот.
Како олицетворение на историското наследство и традицијата, денес опстојува познатиот стар кварт „Улус“, што во превод значи „нација“. Во овој дел од градот сместени се бројни занаетчиски дуќани, со стари занаети на изумирање, главно како еден вид на туристичка атракција, но и продавници за сувенири и локали со традиционална турска кујна. На почетокот на занаетчиската улица и пред влезот на тврдината поставено е огромно ковано сидро – симболот на градот, а на натписот до обележјето стои потсетувањето дека „името Анкара значи „сидро“ на грчки. Име кое се задржало до денес. Сопствениците на продавниците за сувенири не го кријат своето воодушевување кога ќе разберат дека сте од Македонија. Особено оние чии предци се иселиле токму од Македонија, па веднаш Ви даваат екстра попуст. Навистина многу необична и искрена љубов кон своите корени, дотолку повеќе што веќе е општо познато дека како резултат на тогашната државна политика голем број од македонските Турци биле принудени да си заминат. Токму во овој раскошно живописен дел од градот со куќи кои се речиси идентични на карактеристичната охридска куќа, се наоѓа познатата Анкарска тврдина која датира од византиско време, односно од седмиот век. Односно, попрецизно, оваа впечатлива архитектура на старите куќи е сместена во рамките на тврдината. Се состои од двојни исклучително масивни ѕидини, а од највисоката точка до која стигнувате минувајќи стотици скалила се пружа прекрасен поглед на северниот дел од Анкара. Уште на самиот влез, фасцинира чувството дека вековите не предизвикале сериозни промени во ова старо градско јадро. Традицијата е отсликана не само во старата калдрма, куќите од камен, бакарните ѓезвиња и приборот за кафе од продавниците за сувенири, туку и преку една друга интересна атракција за туристите која ги обединува и љубопитноста на гостите и традицијата на домаќините. Зајачиња претскажувачи на судбината по случен избор ќе изберат ливче со порака за да ја претскажат Вашата судбина (слично на т.н. fortune cookies во кинеските ресторани).
МАВЗОЛЕЈОТ АНИТКАБИР
За знаменитостите од отоманскиот период многу е пишувано и зборувано, па репортажава веднаш ќе се префрли на златниот период од основањето на Републиката пред речиси сто години, како и посебното место кое во турското општество го има основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Во негова чест, поточно како негово вечно почивалиште изграден е познатиот мавзолеј Аниткабир, на извонредна локација на височинка над градот. Освен неговиот гроб, овде се сместени и неколку музејски постановки, кои ги опфаќаат значајните документи во историјата на Републиката, првата латинична азбука во земјата, фотографии од значајните државнички посети на Ататурк, библиотека, кино-салон, па дури и неговиот службен автомобил. Музејот не наплатува влезници, а интересно е дека по смртта Ататурк целокупниот свој имот го оставил на државата. Автори на монументалниот комплекс кој се состои од десет кули поставени во симетричен распоред се турските архитекти Онат и Арда, чие решение било избрано на меѓународен конкурс во 1941 година, во конкуренција на 48 апликанти. Покрај бетонот, најзастапени материјали се травертин и мермер, а посебно се впечатливи поради својата симболика двата споменика кои претставуваат три машки односно три женски фигури. Тројцата мажи ги симболизираат селанецот (која ја храни земјата), војникот (кој ја брани земјата) и научникот (кој ја води земјата кон прогрес ). Од друга страна пак, статуите на трите жени ја прикажуваат гордоста, достоинството и одлучноста на турската жена.
МОДЕРНА АРХИТЕКТУРА И ИНФРАСТРУКТУРА
Во последните дваесетина години лицето на градот забрзано се менува под палката на модерната архитектура. Стакло, челик и динамички необични форми се главната одлика на облакодерите во Анкара. Целиот тој огромен модерен кварт, налик на париски La Defence, е домаќин на преставништвата на големи мултинационални компании и најпознатите брендови од светските ланци на хотели. Се работи за финансискиот кварт Söğütözü., каде особено впечатлив е објектот на YDA центарот. Тоа е модерна зграда со хиперболичен облик, облакодер кој не е карактеристичен толку по својата височина, туку првенствено по својот облик. По својата конструкција и функционалност претставува еден просторно, визуелно и социјално динамичен урбан простор. Проектиран од страна на реномираното турско студио Yazgan Design Architecture, објектот се градел во периодот од 2013 до 2017 година, а има вкупна површина од 370.000 m2.
Од март оваа година, Анкара ја има и најголемата градска болница во Европа- Ankara Bilkent City Hospital. Проектанти на објектот се Astaldi Group во партнерство со Studio Altieri.
Не заостанува ниту инфраструктурата. Широките булевари неретко со по шест ленти во секоја насока, и ефикасниот метро-систем со четири линии, му пркосат на каков било сообраќаен метеж. Овде несомнено треба да се постави прашањето на одржливоста во контекст на ваквата градежна експанзија. Ниту во овој сегмент градот не заостанува. Носејќи го на плеќи бремето од топлата медитеранска клима која има карактеристики и на пустинска клима, Анкара отсекогаш имала проблем со недостаток од вегетација. Тоа го имале предвид и креаторите на политики кога го лоцирале седиштето на државата токму во овој простор кој го пресекуваат пустински ветрови. Но, активностите се во настојувањето да се „зазелени“ секој расположлив простор. Тоа се забележува уште на потегот од аеродромот кон градот, каде покрај автопатот на неплодната портокалово-црвена почва се поставени системи за наводнување капка по капка за уредно посадената трева и нискостеблести џбунести растенија. Парковите кои контролирано и систематски никнуваат и во новите резиденцијални квартови, се исто така беспрекорно одржувани. Дополнително, околу 90 % од автобусите на јавниот превоз користат природен гас.
Атакуле е препознатлив симбол од која било фотографија нa Анкара. Да се биде симбол на градот, значи да се биде препознаен по својата уникатност и автентичност, достигнувајќи ги границите на ингениозноста во креативноста. Но, да се биде симбол на градот и да се носи „АТА“(татко, предок) во своето име, значи и да се биде гордост на градот. Тоа е Атакуле, висока телекомуникациска и опсервациска кула, лоцирана во областа Чанкаја. Висока е 125 метри, и претставува една од примарните и најпрепознатливите знаменитости на градот, првенствено поради својата височина, но и поради фактот што е лоцирана на ритче, па е видлива од буквално секој дел на градот. Проектирана е од страна на архитектот Ragıp Buluç а изградбата траела од 1987 до 1989 година. Содржи шопинг-мол, кафулиња, ресторани, како и еден ротирачки ресторан при самиот врв на кулата.
За да не биде сè идилично и позитивно, мора да се спомене дека и Анкара има свои „оази на кичот“ во архитектурата, меѓу кои мора да се истакнат седиштето на владејачката АК партија, и резиденцијата на претседателот Ердоган. Особено вториов објект предизвика низа реакции не само во турската туку и во светската јавност поради огромниот простор на кој се протега (210.000 m2и има илјада соби), но првенствено поради фактот што е сместен во природен резерват.
И наместо заклучок, се наметнува мислата дека Анкара со векови опстојува токму како сидро, истовремено прегрнувајќи ги обележјата на секоја епоха, но задржувајќи го својот стамен и смирен дух, како најдостоинствен благородник од „златните“ времиња на турската историја.