Кинеските авиокомпании го зголемуваат својот пазарен удел на меѓународните воздушни линии меѓу Европа и Азија, бидејќи, за разлика од западните компании, го користат рускиот воздушен простор.
„Бритиш ервејз“ соопшти дека ќе престане да лета од Лондон до Пекинг на една година од крајот на октомври од комерцијални причини, а минатиот месец суспендираше еден од двата дневни летови Лондон-Хонг Конг за истиот период, пренесува Ројтерс.
Од избувнувањето на војната во Украина во 2022 година, кинеските превозници продолжија да сообраќаат по пократки северни рути до Европа и Северна Америка преку огромниот воздушен простор на Русија.
Наспроти тоа, на европските или американските авиокомпании Москва, или нивните влади, им забранија да летаат низ рускиот воздушен простор или избраа да не летаат над него од безбедносни причини.
Ова ја зголеми конкурентноста на кинеските авиокомпании, со пониски трошоци и пократко време на патување што им овозможува да заземат поголем дел од меѓународниот пазар.
„Обично кинеските превозници имаат до 30 отсто пониски трошоци од нивните меѓународни ривали“, вели Џон Грант, виш аналитичар во фирмата за податоци за патувања OАГ.
Летот на „Бритиш ервејз“ од Лондон до Пекинг трае два и пол часа подолго од летот на кинеските компании кои лани отворија нови линии кон Европа.