Насловна / Арт и дизајн / Ангкор Ват: Мистериозната врска на градот и универзумот

Ангкор Ват: Мистериозната врска на градот и универзумот

Внимателно и незаборавено од времето се деконструира колажот од храмови во комплексот Ангкор во Камбоџа. Минливоста на човековите градби и градскот пејзаж е искуство од прва рака во прошетките низ комплексот. Супериорноста на природата наспроти човековото планирање и градба, ги погледнува посетителите од секој агол и како да ги предупредува за минливоста на нашето постоење, за процесот на стареење, деконструирање во времето, за нашиот однос кон создавање на град, на миниуниверзум и неговото постепено исчезнување и враќање кон прапочетокот.

Дури и дрвјата од специфичен вид, фрлаат гранки кон земјата кои стануваат корени со јачина како бетонски столбови и ги уништуваат ѕидовите со сигурност и цврстина.SONY DSC

Во април 1858 година, младиот француски ботаничар Анри Муо тргнува на патување од Лондон до југоисточна Азија, со цел да истражува различни растителни врсти во дивините на оваа територија. Покрај неговите сознанија и „откритија“ на впечатливи растителни видови, следбениците на неговите патеписи ги обзема живописниот опис на огромни комплекси на храмови соединети со природата.ангкор ват (8)

За првпат тој му го открива на светот изгубениот средновековен град Ангкор во Камбоџа, неговиот романтичен, носталгичен и поетичен изглед. Во еден од своите патеписи запишува: „Еден од овие храмови, рамо до рамо со храмот на Соломон, роден од концептите на Микеланџело, треба да има почесно место на листата на најубави објекти. Тој е поголем во својата смисла од какво и да било културно наследство од Грција или од Рим“.ангкор ват (5)

Денеска храмовите се еден од главните симболи на државата Камбоџа. Ангкор Ват, изграден околу 1150 година, претставува најголемиот религиозен комплекс на планетата Земја, покривајќи површина четири пати поголема од онаа на градот Ватикан. Прошетката низ Ангкор Ват започнува на велосипед или на тук-тук, и од самиот влез се чувствува испреплетеноста на минатото, сегашноста и иднината.ангкор ват (4)

Широките булевари со дрвореди коишто се меѓу-зоната на храмовите, изгледаат монументално и невообичаено европски. Кон крајот на XII век, Ангкор бил вистински метрополис со површина од 1000 м2 – до почетокот на индустриската револуција претставува најголемиот град во светот. Тој е главен град на империјата Кмер, којашто во тој период доминирала во јужно-источниот регион покривајќи ја територијата на Камбоџа, дел од Виетнам, Лаос, Тајланд и Мијанмар. Меѓутоа, раѓањето на градот, почетоците и концептот долго време се загатка за археолозите.ангкор ват (7)

Читањето на целосниот град е направено со помош на ласерско снимање на територијата. Откриени се невидливи контури на тлото на шумата на непознати храмови, невообичаено планирање во град на церемонијалните булевари, насипи и вештачки езера. Главниот храм во комплексот Ангкор Ват се состои од правоаголни енклави кои се надоврзуваат во планина од мали простори со алегорично значење.

Стилот во којшто е изграден е класичен стил за кмерската архитектура: кули изработени во форма на лотоси, полугалерии за проширување на ходниците, галерии поставени на оските на движење, поврзувајќи се со затворените простори и крстовидни тераси кои се видливи на централната аксијала на храмот.ангкор ват

Централното светилиште ја претставува планината Меру, светата планина каде што хиндуистичките богови живеат над центарот на универзумот. Петте врва на планината се претставени со петте кули на храмот. Ѕидовите во околината се работ на светот, а рововите се океаните на светот. Храмот претставува волшебна мапа на универзумот, неговите обвивки и хиерархија. Низ целиот храм ве сретнуваат слики-камени резби и скулптури на богови, сцени на битки, танцувачи, настани од хиндуистичката митологија.

Градбите и скулптурите на Ангкор Ват се поставени соодветно на сончевите рамноденица и краткодневица. Ништо не изгледа претерано, додадено, тука во тишината се вкрстува целиот тајмлајн на постоењето, на човековата рака и дело, моќта на создавањето и моќта на природата да го избрише сето она што е создадено.ангкор ват (6)

Водните канали коишто ги обвиткуваат храмовите се доказ за водно инженерство во големи размери, што е карактеристично за Кмерската империја. На крајот од средновековниот период се случуваат драматични климатски промени со екстремно суви и водни услови, поплави во градот и слабеење на структурата на виталната мрежа од водни канали. Градот е нападнат во 1431 година од Сијам (денешен Тајланд) и набрзо е напуштен.ангкор ват

Во 15 век кралевите на Кмер го напуштаат градот и се населуваат на брегот каде што го градат новиот град Пром Пен, денешниот главен град на Камбоџа. Ангкор Ват е зачуван од страна на будистичките монаси, коишто во централната кула на храмот поставуваат голема скулптура на Буда. Благодарејќи на нивната внимателност, зачувани се одредени делови од комплексот. Сепак, се чини ништо не може да го заштити храмот од природата. Шумата како уште поголем напаѓач со специфичните видови на дрвја кои ги кршат ѕидовите, полека го голта напуштениот град.ангкор ват (9)

Вообичаено, хиндуистичките храмови се со источна ориентација, за разлика од нив Ангкор Ват мистериозно има ориентација кон запад. Основата на комплексот Ангкор е огледало на ѕвездената консталација Драко во време на пролетната рамноденица во 1050 година пред нашата ера. Градот е со специфичен план и претставува поглед одозгора надолу, поставувајќи го секој геометриски елемент на комплексот во одредена координата. Наспроти неговата физичка структура и дијалогот во кој природата е победник над човекот, посетата на Ангкор Ват и прошетките низ неговите храмови е длабоко индивидуално духовно искуство кое создава мапа на сопственото постоење и неговата рамка во времето, просторот, градот и универзумот.

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top