Големата годишна награда 2019 (ГГН) на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) е доделена за објектот, основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во Скопје, проект на проектантското биро „Бесиан Мехмети Архитектс“ (БМА) од Скопје, а автори се архитектите: Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи
Редакцијата на Порта 3 им ја честита оваа значајна награда и по тој повод разговара со архитект Бесиан Мехмети.
Бесиан Мехмети дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, учествувал на повеќе конкурси од кои на некој е и награден, како оној за Плоштадот „Скендербег“ во Скопје, Театарот и библиотеката во Тетово, а заедно со својот тим ја добива и првата награда на конкурсот кој Општина Центар го распиша во 2013 година за идејно решение основно училиште во населбата Капиштец во Скопје.
Тој во 2012 година го основа студиото БМА („Бесиан Мехмети Архитектс“), како плод на неколкугодишна соработка и freelance искуствa во областа на архитектурата, урбанизмот и дизајнот. Во БМА работи со своите колеги на проекти во земјава, но и во странство. Учествувал на неколку изложби, вклучувајќи го и Венециското биенале во 2012 година и самостојна изложба во Њујорк во 2019.
Мислам дека сте меѓу најмладите, ако не и најмлад добитник на оваа награда. Што за Вас и за вашите колеги значи наградата?
Чест, секако и одговорност. Очекувањата од нас се сè поголеми, а просторот за грешка сè помал. Од една страна ни дава поттик и самодоверба да продолжиме да создаваме, од друга страна наградата нè прави да сме посмели во донесување одлуки. Оваа дихотомија станува интересна и се надевам ќе нè направи уште похрабри и покреативни.
Верувам дека не постои поубав начин да се заокружи една плодна деценија и да се почне новата со едно вакво признание. Како што кажав при доделувањето, наградата ја делиме со сите кои дадоа придонес во реализација на училиштето „Киро Глигоров“.
Фасцинантно е и за нас, од денешна перспектива, кога ќе помислиме како од идеограм, скица и макета стигнавме до реализација и награда. Патот секако не беше лесен.
Основно училиште „Киро Глигоров“. населба Капиштец, Скопје
На доделувањето изјавивте дека кога го работевте конкурсот за училиштето во 2013 година бевте многу млади, а победивте во конкуренција од 20 пристигнати труда. Колку бевте млади, како се чувствувавте тогаш? Сега од оваа перспектива и со повеќе искуство би промениле ли нешто во проектот?
Како највозрасен во тимот, немав ни 30 години. Студиото БМА беше неодамна формирано, тогаш броевме четворица, освен мене, Стефан, Никола и Арменд беа дел од тимот. Возраста не ни беше пречка да веруваме во концептот кој го развивавме уште од првите скици.
Впрочем, и претходното искуство при проектирање на училишта ни помогна при конципирање на идејата; имав среќа да сум во тим со проф. Зорица Блажевска и Никола Стрезовски и да добиеме прва награда на конкурсот за училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Карпош, кој за жал никогаш не се реализираше. Со Бетим и Бекир имавме прилика да изведеме едно мало училиште во едно тетовско село, и да проектираме едно друго. И кусиот ангажман во студиото за проектирање на општествени објекти при Тетовскиот универзитет секако ми помогна да истражувам и да експериментирам со типологијата на училишта.
Јавноста со воодушевување го проследи отворањето на училиштето, прво во Општина Центар по повеќе од 40 години. Како автори, задоволни ли сте од резултатот, сте го посетиле ли училиштето да видите како функционира и како се чувствуваат неговите најмлади корисници, децата?
Искрено, не очекувавме ваков публицитет. Јавноста и посетителите, месеци пред да ја добиеме наградата, уште при самото отворање на училиштето неформално го прогласија објектот како најубаво училиште во земјата. Гравитирам околу објектот и по отворањето, мило ми е што гледам насмевки на лицата на најмалите. Дотолку што и среќавам родители кои ни се заблагодаруваат.
Преку нашата визија за новото училиште, сакавме да создадеме функционална, утилитарна и пријатна средина, преку формални и неформални, интерактивни и отворени системи на учење, настава во природно опкружување – со единствена цел, отворање на нови перспективни за најмалите. Учев во Основното училиште „Лирија“ во Тетово, изградено после Втората светска војна, со многу адаптации и преправки, дијаметрално спротивно од тоа што го понудивме во нашиот проект.
Тимот на БМА
Христина Мијалчева, Теута Бајрами, Даме Јовановски, Бранко Стојановски, Насуф Небиу, Бесиан Мехмети, Стефан Атанасовски, Мирјана Ковачки, Урош Николовски
Основниот проект го изработи фирмата ИНКОМ – инженеринг од Скопје. Зошто тоа често ни се случува со наградените конкурсни решенија? Сметам дека никој не може од авторот подобро да го заврши својот проект до крај. Што се случи, можеби бевте премногу млади за поголем проект или…? Бевте ли присутни на некој начин при реализација на објектот?
За жал, така функционираат нештата кај нас; за јавни објекти идеја се набавува преку конкурс, а потоа преку тендер се бара фирма која ќе го разработи проектот и друга фирма се бира да врши надзор на градба. Сметам дека тоа е една од причините зошто сè помалку имаме добри јавни објекти. Како фела, неопходно е да направиме нешто во оваа насока. Несомнено авторот е најповикан да ја спроведе идејата сè до реализација.
Со ентузијазам се вклучивме во проектот за училиштето, споделивме со добитникот на тендерот подлоги и материјали кои служеа за понатамошна разработка на проектот. На почеток се состанувавме во одредени интервали додека се издефинираа работите. За жал, со текот на време сè помалку и помалку наидовме на жар за соработка од другата страна. Тоа резултираше со некои несоодветни решенија; како да се изгуби искреноста во изразувањето на одредени детали, особено во изборот на материјали и внатрешното уредување. Но сепак, задоволни сме што aрхитектонскиот концепт, просторната композиција и обликовна форма останаа верни на нашите први скици.
Плоштад „Скендербег“, Скопје (2009-2017)
Кога добивте прва награда на конкурсот за Плоштадот „Скендербег“ бевте уште помлади. Конкурс на кој имаше два учесника и потоа уште две фази на проектирање од компанијата „Урбан стил инженеринг“. Се изведе ли овој плоштад според вашиот идеен проект?
Искуството со проектот за Плоштад „Скендербег“ беше многу поинакво од искуството со училиштето. Заедно со Бетим Зеќири и Бекир Адеми како автори бевме активно вклучени во целиот процес. После објавувањето на конкурсното решение во 2009 година и одвивање на транспарентна и сеопфатна дебата меѓу повеќе релевантни фактори почнувајќи од граѓаните на Општина Чаир и градот Скопје, професионалци од струката па сè до релевантните институции (Општина Чаир, Општина Центар, Град Скопје, Конзерваторски центар итн.) дојде до редефинирање на потребите и стратегијата за оформување на Плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Општина Чаир конципира конкретна проектна програма со утврдени граници на опфат и динамика на проектирање и реализација сè со цел на остварување на нова реалност, нов вид на јавен простор, соодветен на последните светски социокултуролошки трендови. Овие промени се однесуваат на физичкото протегање на јавниот простор како и на функционалните и естетските аспекти на целината. Проектот сè уште не е целосно реализиран, битен дел од тој мозаик на интервенции останува да се изведува. Покрај овие движења, ние сè уште сметаме дека Плоштад „Скендербег“ и понатаму претставува платформа за овозможување понатамошен раст на тој дел од градот.
Сметате ли дека имаше политички контроверзии околу Плоштадот „Скендербег“, особено со поставување на мозаиците? Некои велат дека е пандан на плоштадот од „Скопје 2014“, насила наметнат простор, подигнат над сообраќајницата без големо и спонтано присуство на граѓаните. Успеа ли вашата идеја, како што самите своевремено изјавивте „да се добие нов кохерентен и инклузивен јавен простор“?
Постои суштинска разлина помеѓу проектот за Плоштад „Скендербег“ и проектот „Скопје 2014“; преку овој проект ние создадовме нов инклузивен јавен простор, во време кога на градот му се одземаа јавни површини за ексклузивни употреби. Основна цел на проектот е интегрирање на просторот над булеварот „Гоце Делчев“ како екстензија на јавните градски простори, односно нивно квалитативно и квантитативно
проширување. Плоштадот „Скендербег“ станува дел на низа утврдени тематски плоштади како Плоштад „Македонија“ и Плоштад „Карпошово востание“. Што се однесува до контроверзиите, како автори сметавме дека одредени површини на конструктивните елементи треба да бидат оставени за интерпретација на уметници од други уметнички дисциплини како што е случајот на вградениот мозаик во северните бетонски платна. Настрана од сите субјективни интерпретации, ние сме горди што Плоштадот „Скендербег“ како реализација се номинираше и влезе во селекција на најдобри реализации во Европа при доделување на наградата Mies van der Rohe од страна на Европската Унија за 2019 година.
Ентериер на Семејна куќа, Тетово (2016-2018)
Еден сте од ретките помлади архитекти кој јавноста го препознава и пред добивање на оваа значајна награда. Познато е дека имаме многу проектантски бироа, но и дека се мали, со самото тоа тешко одговараат на големи и сериозни проектантски предизвици. А тешко се стигнува до проекти и наплата од која може да се живее. Колку вработени брои БМА, како се снаоѓате во овие сурови услови?
Архитектурата е тимска работа; сум имал среќа да работам покрај исклучителни архитекти и соработници и да создадеме дела кои се надевам ќе бидат инспиративни за идните генерации.
Бројот на тимот постојано расте, денес студиото брои 9 архитекти: Стефан, Теута, Тина, Насуф, Бане, Маријана, Урош и Даме. Сите сме активно вклучени во работа на повеќе проекти и реализации. Бројни се и надворешните соработници, кои ги ангажираме зависно од природата на нашите проекти.
Отворањето на студиото дојде како плод на неколкугодишно лично freelance искуство. Почетоците не беа лесни; заработувавме доволно за да се одржиме и да може да работиме проекти на кои можеме слободно да се изразиме. Во тој период сработивме доста конкурсни проекти. Целта ни е преку нашите проекти, било да се конкурсни решенија или нарачки, да се потрудиме да ги разбиеме конвенционалните стереотипи на проекти и да развиваме алтернативни визии. Верувам дека тие служеле и како поттик за повеќето наши клиенти да нè контактираат и да веруваат во тоа што правиме. Работиме многу со нив, клучно влијание во процесот на проектирање има и инпутот од клиентот.
Ентериер „Portofino“, Скопје (2017)
Архитектите како да потклекнаа, а со самото тоа и архитектонската продукција. Само се жалиме, но имаме ли и ние вина? Што е тоа што треба да го направиме за да имаме повеќе работа, подобро да ја наплатиме, но и да создадеме подобра архитектура?
Пред сè, мислам дека треба да се почитуваме еден со друг, да ги надминеме разликите меѓу себе како колектив за да може да бидеме синхронизирани и поконцизни при изразување или бранење на нашите ставови. Сметам дека треба да направиме поголеми напори како фела да ѝ покажеме на јавноста што е тоа добра архитектура при што да изградиме култура на вреднување на добри дела. Помалку ни фали надеж и храброст, дека сепак и тука меѓу нас, може да изградиме иднина! Живееме во земја во развој; и како архитекти ни престојува многу работа да создадеме дела што ќе имаат моќ да влијаат врз урбаниот живот и да ги инспирираме луѓето да го подобрат светот околу нив.
Комерцијален објект „Еуровиа“, Тетово (2016-2018)
Комерцијален објект „Федербау“ Тетово (2017)
Сте работеле проекти и кај нас, но и во странство. Која е разликата?
Без разлика дали се работи на проект кај нас или во странство, ентузијазмот и посветеноста би рекол дека се од ист интензитет. Архитектурата е универзална и повеќедимензионална. Покрај техничко знаење, таа исто така бара багаж од општо знаење. Пред сè, мислам дека мора да имате сензибилитет и страст кон убавото, но во исто време мора да имате трпеливост и храброст. Со овие убедувања настапуваме и при работа на проекти во странство. Дебатираме и разменуваме мислења за сложени стручни теми рамо до рамо со истакнати професионалци. Секако задоволство ни претставува кога нашиот труд се вреднува и надвор од нашата средина.
Административен објект во Ајнтховен, Холандија (2016-2017)
Кој објект го сметате за најзначаен во досегашната Ваша кариера? На што работите во моментов?
Работиме на различни проекти, и тешко е да се издвои некој конкретен проект. Повеќето се нарачки, некои се од јавен карактер, понекогаш работиме и про боно. Сакаме да работиме на проекти преку кои во поголем дофат би влијаеле позитивно во општеството. Се обидуваме да создадеме дела кои ќе придонесуваат на еден или на друг начин во колективниот развој. Поради оваа причина, сè уште мислам дека за нас архитектите, учеството и работата на јавни конкурси и особено ангажирањето во јавни проекти треба да се гледаат како општествена одговорност.
Станбен објект, населба Карпош, Скопје (2019-2020)
Макета од проект за Културен центар во Гази Баба, Скопје (2016-2017)