Насловна / Вести / Анализите потврдуваат дека топлификацијата е најодржлив концепт за греење на Скопје

Анализите потврдуваат дека топлификацијата е најодржлив концепт за греење на Скопје

Toplana istok Skopje

Системот за централно топловодно греење претставува техно-економски оптимален тип на греење за поголем дел од објектите лоцирани во Скопје. Ова е генералниот заклучок од студијата „Дефинирање на техно-економски оптимална и еколошки одржлива структура за греење и имплементирање на централизирано снабдување со санитарна топла вода на Град Скопје“, која беше презентирана минатата недела во Стопанската комора на Македонија. Резултатите покажуваат дека топлификацијата е неоправдана за периферните делови од градот, вклучувајќи ги населбите каде што доминираат индивидуалните објекти за домување. Студијата препорачува затоплувањето на куќите да се стимулира со користење на инвертер клима-уреди и топлински пумпи.

Експертите во изготвената студија ја критикуваат опцијата за  гасификација на Скопје како паралелен систем во сите делови на градот. Тие не препорачуваат развој на гасоводниот систем во оние делови на градот каде што веќе има развиена топловодна мрежа. Во случајот на Скопје, велат експертите, тоа би биле два неприродни конкурента. Единствениот исклучок во полза на поставувањето уреди на природен гас се оние делови на Скопје каде што нема топлификација.

Од еколошки аспект, експертите од Машинскиот факултет кои ја изработија Студијата, посочуваат дека аерозагадувањето во Скопје ќе се намали со натамошен развој на централното топловодно греење. Во студијата  е претставен и предлог-план за развој на системот за централизирано снабдување со топлинска енергија на краток, среден и долг рок. Ако сите исклучени граѓани од централното греење се вратат повторно на некогашните услуги, експертите пресметале дека месечните сметки ќе се намалат за 10%, но и ќе опадне загадувањето на воздухот за 7%.

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top