Насловна / Архитектура / Ан Лакатон и Жан-Филип Васал Добитници на Прицкеровата награда за 2021 година

Ан Лакатон и Жан-Филип Васал Добитници на Прицкеровата награда за 2021 година

Во вторник на 16 март Tом Прицкер (Tom Pritzker), претседавачот на Фондацијата Хајат (The Hyatt Foundation), ги прогласи француските архитекти Ан Лакатон (Anne Lacaton, 1955) и Жан-Филип Васал (Jean-Philippe Vassal, 1954) за 49-тиот и 50-тиот добитник на Прицкеровата награда за архитектура за 2021 година (The 2021 Pritzker Architecture Prize), највисокото светско признание во доменот на архитектурата.

0_resize

Според жирито предводено од архитектот Алехандро Аравена (Alejandro Aravena), „творештвото на Лакатон и на Васал го искажува демократскиот дух на архитектурата. Преку своите идеи, пристап кон струката и објекти тие покажале како технолошки напредна, иновативна и еколошки одговорна ресторативна архитектура може да се реализира…  Надежите и соништата на модернистите да се подобрат животите на многумина се обновени преку нивното дело кое одговара не само на предизвиците на климатските и еколошките, туку и на социјалните кризи во доменот на урбаното домување.  Тие го реализирале ова преку силното чувство на простор и материјали коишто создаваат архитектура што е подеднакво силна и по својата форма и по убедување, како што е и транспарентна во однос на својата естетика и етика.“ Преку создавањето архитектура, „која е веднаш и прекрасна и прагматична, тие ја отфрлаат спротивставеноста помеѓу квалитетот на архитектурата, одговорноста кон животната средината, и потрагата за етичко општество.“

прв-проект_resize

сламена колиба, Niamey, Нигер –  првиот заеднички проект

Основањето на нивното заедничко биро Лакатон и Васал во Париз во 1987 година им овозможило тие да отпочнат со примената на своите убедувања во доменот на архитектурата и да го искажат својот исклучителен пристап преку проектирање нови и адаптација на постоечки објекти. Ова резултирало во бројни проекти на индивидуално и социјално домување, културни и академски институции, јавни простори и урбани стратегии во изминатите над три децении. Тие се сметаат за застапници на социјалната правда и одржливоста преку приоритизација на големината на просторот и примената на економични и еколошки материјали.

53 Units, Low-Rise Apartments, Social Housing 1_resize 53 Units, Low-Rise Apartments, Social Housing 3_resize

53 единици, станови со мал буџет, социјално домување

По дипломирањето на Високата национална школа за архитектура во Пајсаж де Бордо (École Nationale Supérieure d’Architecture et de Paysage de Bordeaux) каде и што се запознале, Лакатон продолжила со магистерски студии по урбанистичко планирање на Бордо Монтањ Универзитетот (Bordeaux Montaigne University) додека Васал, инаку роден во Мароко, се преселил во Нигер за да практикува урбанистичко планирање каде Лакатон често го посетувала.  Оттука се смета дека оформувањето на нивниот архитектонски пристап отпочнало токму во Нигер каде убавината и скромноста на органичените ресурси на оваа претежно пустинска земја во голема мерка влијаела врз нив. Така, тие во Ниами (Niamey), Нигер, го изградиле и својот прв заеднички објект – колиба од слама користејќи гранки од локалните џбунови.  Притоа тие се соочиле со непостојаноста на ваквите градби, со оглед дека по две години градбата подлегнала на локалните ветрови. Како резултат на ова тие се обврзале никогаш да не сруши нешто што може да се искористи и преку доградби да го направат одржливо она што веќе постои.

Нивното творештво се протега над 30 години и оттогаш тие реализирале повеќе од 30 проекти низ Европа и Западна Африка. Во овој период тие се залагале и за просторност во рамките на објектите, но и за економичност во однос на расположливите средства, материјали и обликување. Ваквиот пристап резултирал во иновативни проекти за станбени, културни, образовни и деловни објекти.

Latapie House 4 (1)_resize

Latapie House

Уште на почетоците на својата кариера тие го насочиле своето внимание на биоклиматска архитектура и на примената на принципите на стаклената градина за преку пасивното искористување на сончевата енергија, преку природна вентилација, осенчување и изолација да се создаде поприлагодлива и посакувана микроклима во рамките на објектите.  Ваквите определби отпочнале со нивниот проект за Куќата Латапие во Флоирак (Latapie House, Floirac, 1993), Франција.  Така тука, на источната страна на објектот преку поставување подвижни транспарентни панели од поликарбонат тие балконите ги трансформирале во стаклени градини со што  овозможиле и природно осветлување и лесна контрола на микроклимата, но и преку кои исто така ги зголемиле и внатрешните заеднички простории на дневната соба и на кујната. На овој начин тие ја зголемиле големината на домот со релативно скромен буџет.

House in Bordeaux 1_resize House in Bordeaux 2_resize

Куќа во Бордо

Вакво економично и значително зголемувале на просторот за живеење преку зимски градини и балкони коишто им овозможуваат на жителите да заштедат енергија и да имаат пристап кон природата низ сите годишни времиња во голема мерка станало значајно обележје на нивниот архитектонски пристап, како што е прикажано преку конструкцијата на повеќе објекти. Меѓу нив се истакнуваат 14 куќи за социјално домување во Сите Манифесте (Cité Manifeste, 2005) и 59 социјални станови во Неперт градините (Neppert Gardens, 2015), обете во Мулхаус (Mulhouse), и станбените блокови со 96 стана во Шалон сур Саон (Chalon-sur-Saône, 2016), сите во Франција.

Во текот на своја кариера, Лакатон и Васал ги отфрлале урбанистичките планови коишто повикувале на рушење на социјалното домување и го насочиле своето внимание на проектирањето од внатре кон надвор за да се даде приоритет на благосостојбата и на поголеми простори за станарите.  Така, тие со Фредерик Друот (Frédéric Druot) во 2011 година го трансформирале 17-катниот станбен објект, оригинално изграден во 1960 година, со 96 станбени единици за социјално домување Тур Боис ле Претре (Tour Bois le Prêtre, Social Housing) во Париз. Тука,  тие ја зголемиле внатрешната површина на секоја единица преку отворање на оригиналната бетонска фасада и зголемување на основата на објектот со примена на биоклиматски балкони. Како резултат на ова, претходно ограничените дневни соби сега се прошируваат во нови тераси како флексибилни простори со големи прозорци и погледи кон градот, а со што се дава и нова естетиката на социјалното домување.

default Transformation of G, H, I Buildings 1_resize

 трансформацијата на три објекти (Г, Х и И) со 530 социјални стана во Гранд Парк

Ваквиот пристап слично бил применет и при трансформацијата на три објекти (Г, Х и И) со 530 социјални стана во Гранд Парк (Transformation of G, H, I Buildings, Grand Parc, 2017) во Бордо со Фредерик Друот (Frédéric Druot) и Кристоф Хутин (Christophe Hutin). Трансформацијата резултирала во драматично визуелно преобликување на комплексот за социјално домување, со модернизација на инсталациите и лифтовите во комбинација со зголемување на површините на становите, при што дел од нив скоро двојно се зголемиле, и тоа без потреба за преселба на станарите и за една третина од цената на рушење и изградаба на нови објекти.  Како резултат на ова тие не само што го трансформирале и подобриле квалитетот на живеењето, туку тие и овозможиле жителите да останат во рамките на своето соседство.

Во моментов тие работат на трансформација на поранешна болница во станбен објект со 138 стана во Париз, станбен објект со 80 стана во Андерлехт, Белгија, трансформација на деловен објект во Париз, објект со мешовита намена (хотел и деловни простории) во Тулуз и 40 станбени единици во Хамбург, Германија.

Изградба на нови и адаптација/трансформација на постоечки објекти, почитување на постоечкото е автентично за нивното творештво. Ова се огледува и во нивниот проект за индивидуалниот објект во Кап Ферет (Cap Ferret House, Cap Ferret, 1998) којшто бил изграден на претходно неизградена парцела. И тука тие се определиле изградбата на објектот минимално да ја наруши природната средина. Така, тие наместо да исечат 46 дрва на локацијата, ја зачувале природната вегетација и го издигнале домот градејќи го околу стеблата на парцелата со што им овозможиле на жителите да се интегрираат во своето опкружување.

Palais de Tokyo 2_resize

Палс де Токио 

Творештвото на Лакатон и на Васал не е ограничено исклучиво на станбените објекти и тие својот архитектонски пристап успешно го применуваат и на други видови на објекти. Така, тие преку ребалансирање на напуштените и неефикасни простори создаваат отворени површини коишто може да поддржат не само поголема фреквенција на движење и задоволување на променливите потреби, туку и продолжување на животниот век на објектите. Веројатно добар пример за ваквиот пристап е трансформацијата на Палс де Токио (Site for Contemporary Creation, Phase 2, Palais de Tokyo) во Париз од 2012 година. Тие тука успеале да ја зголемат подната површина на музејот за 20.000 метри квадратни и тоа делумно преку оформување подземни простори и определбата секој простор во објектот да биде на располагање на посетителите. Напуштајќи го вообичаениот концепт на бели коцкести галерии со дефинирани патеки тие создале волуменозни недовршени простори. Со ваквиот пристап, тие им овозможиле на артистите и кустосите да формираат неограничени изложби за сите медиуми во простори коишто ги поттикнуваат посетителите да се задржат подолго.

6_resize FRAC Nord-Pas de Calais 2_resize

ФРАК Норд-Пас де Кале во Данкрк

Придржувањето до постулатот „никогаш да не се сруши“ е евидентно и во рамките на проектот ФРАК Норд-Пас де Кале во Данкрк (FRAC Nord-Pas de Calais, Dunkerque) од 2013 година. Тие и тука преку воздржана интервенција успеале да ја надградат застарената инфраструктура, но притоа овозможиле и трајните вредности на постојниот објектот да бидат сочувани. Оттука, наместо да го исполнат и изгубат импресивниот слободен простор во рамките на повоениот бродоградилишен хангар, тие се определиле да изградат втор објект со идентична форма и големина на истиот. Преку промена на транспарентни префабрикувани материјали тие овозможиле трајно визуелно поврзување на старото и новото. Објектите исто така меѓусебно се поврзани и со внатрешна улица лоцирана во празнината помеѓу двата објекта. Како резултат на ваквиот пристап, оригиналниот репер објект останал достапен за јавната програма на објектот на овој проект за реконструкција на крајбрежниот појас, додека во новиот објект биле сместени галерии, канцеларии и магацини за регионалните колекции на современа уметност, а коешто дозволило двата објекта да функционираат и поединечно и колаборативно заедно.

skola_arh_nant_resize

École Nationale Supérieure d’Architecture de Nantes 3_resize

Националната висока школа за архитектура во Нант 

Меѓу новоизградените објекти на Лакатон и на Васал се истакнува Националната висока школа за архитектура во Нант (École Nationale Supérieure d’Architecture de Nantes, Nantes, 2009).  Во овој објект нагласено е значењето на изборот на употреба на просторите.  За да ги сместат академските програмски барања за потребите на зголемен број на студенти, архитектите ја максимизирале искористеноста на парцелата како резултат на што успеале скоро двојно да го зголемат бараниот простор во споредба со програмските барања, но истовремено и да останат во рамките на зададениот буџет. Лоциран на брегот на реката Лоара, овој голем трикатен објект со простори со двојни висини е изграден во комбинација на бетонска и челична рамка која е обвиткана со подвижни поликарбонатски ѕидови и шибер врати.  Комбинацијата на простори со различни големини и намерно недефинирана намена ја нагласува адаптибилноста на објектот. Како резултат на ова аудиториумот може да се прошири кон екстериерот на објектот, а двојните висини на просториите ги поддржуваат и потребите за градежните работилници и слични простори. Дополнително, широка рампа го поврзува приземјето со 2.000 метри квадрати големата кровна тереса наменета за флексибилно учење и социјализација.

Multipurpose Theater 1_resize

Повеќенаменскиот театар во Лил

Како други значајни проекти на Лакатон и на Васал се и Куќата во Бордо (House in Bordeaux, Bordeaux, 1999), Поле универзитетот де сциенсе де гестион во Бордо (Pôle Universitaire de Sciences de Gestion, Bordeaux, 2008), 53-те социјални станови во Сен Назар (Saint-Nazaire, 2011), 129-те станбени единици за студенти и за социјално домување Орк-Жарес (Ourcq-Jaurès Student and Social Hosuing, Paris, 2013) во Париз, Повеќенаменскиот театар во Лил (Multipurpose Theater, Lille, 2013) и Станбено-деловниот објект во Шене-Бург (Residential and Office Building, Chêne-Bourg, Geneva, 2020) во Женева.

10_resize

 трансформација на 100 станови – La Tour Bois le Prêtre, Париз

Нивниот придонес кон архитектурата може да се види и од бројните академски позиции, награди и публикации. Така, Лакатон сега е вонреден професор по архитектура и дизајн на Швајцарскиот федерален институт за технологија (Federal Institute of Technology – ЕТН) во Цирих од 2017 година и гостин професор на Политехничкиот универзитет во Мадрид (Polytechnic University of Madrid) од 2007 година, додека Васал е вонреден професор на Универзитетот на уметности (Universität der Künste)  во Берлин од 2012 година. Претходно тие поединечно биле назначени за професори или гости професори на универзитети низ Европа и САД, и како и претседавачи и членови на жирија за архитектонски награди низ Европа.

пр_resize

La Tour Bois le Prêtre, Париз

Тие исто така се добитници на Шелинговата награда за архитектура (Schelling Architecture Award, 2006), на Националното гран-при за архитектура (Grand Prix National d’Architecture, France, 2008), на Интернационал фелоушип на Кралскиот институт на британските архитекти (International Fellowship, Royal Institute of British Architects, 2009), Ролф Шок наградата за визуелни уметности (Rokf Schock Prize, Visual Arts, 2014), Медалот Хејнрих Тесенау (Heinrich Tessenow Medal, 2016), Златниот медал на Академијата за архитектура (Académie d’Architecture, Gold Medal, 2016), Глобалната награда за одржлива архитектура (Global Award for Sutainable Architecture, Cité de l’Architecture & du Patrimone, 2018), на Големата награда БДА (BDA Grand Prize, 2020) и на други награди.

х_resize

хх_resize

Cap Ferret House, заливот Arcachon

Бирото „Лакатон и Васал“ е исто така добитник и на наградата за Животно делo на Триеналето во Лисабон (Lifetime Achievement Award, 2016) и на наградата на Европската Унија за современа архитектура од Фондацијата Мис ван де Рое (Fundació Mies van der Rohe, European Union Prize for Contemporary Architecture, 2019) со Фредерик Друот и Кристофер Хутин Архитект за трансформацијата на станбените блокови Гранд Парк во Бордо.

ххх_resize

Cap Ferret House, заливот Arcachon

Говорејќи за своето творештво, Лакатон објаснува: „ние никогаш не го гледаме постоечкото како проблем. Ние гледаме позитивно со оглед дека постои можност да се направи повеќе со она што веќе го имаме… постоечкото секогаш има вредност доколку издвоите време и напор внимателно да го проучите.  Всушност, станува звор за прашањето на опсервација, од пристап кон просторот со свеж поглед, внимание и прецизност, за да се препознае и вредноста и непостоењето на истата, и да се види како може да се смени состојбата додека се зачувуваат сите вредности на она што е веќе таму.“  Васал се надоврзува кон ова појаснувајќи дека нивната „работа е решавање ограничувања и проблеми, изнаоѓање простори коишто може да создадат промени, емоции и чувства. На крајот на процесот и на сите овие напори, мора да има леснотија и едноставност, кога сè она што беше порано беше толку  комплексно… добрата архитектура е простор каде што нешто специјално се случува, каде што Вие сакате да се насмевнете, само затоа што сте таму… Тоа исто така е и односот кон градот, однос со она што може да го видите, и место каде што се среќни, каде луѓето се чувствуваат добро и комфорно – простор кој создава емоции и задоволство.“

вв_resize

За претседавачот на Фондацијата Хајат Том Прицкер: „Ан Лакатон и Жан-Филип Васал отсекогаш знаеле дека архитектурата може да го позајми својот капацитет за да изгради заедница за сите во општеството. Нивната цел е да му служат на човечкиот живот преку нивната работа, искажување јачина преку скромноста, и култивација на дијалог помеѓу старото и новото, со што тие го прошириле полето на архитектурата.“

Испрати коментар

Scroll To Top