Во мултикултурната област на исток од Амстердам, отворен е нов „кул“ бар. Иако сите знаеме дека Амстердам е богат со интересни и оригинални места, овој бар се истакнува по тоа што е инспириран од легендарниот американски уметник Жан-Мишел Баскијат.
Барот „Баскијат“ е потпишан од страна на холандското студио „Modijefsky“ и претставува ново атрактивно место за дружење во квартот Amsterdam-Oost, исполнет со мали продавници и интересни пазари. Урбаната атмосфера на источниот Амстердам, послужила како совршена сцена за уметничка визија покрај оригиналните идеи на Жан-Мишел Баскијат, кои се вградени во концептот на новиот бар.
Творештвото на Баскијат се карактеризира со спротиставени бои, текстови и скици кои се меѓусебно испреплетени со извадоци од книги и реченици, директно поврзани со неговиот начин на живот, искуства и чувства. Сето ова се одразува во ентериерот, екстериерот и во графичкото решавање на барот, со употреба на материјали кои се во манир на колаж, споени во смислена целина која претставува интерпретација на творештвото на овој познат американски уметник.