Snohetta победи на архитектонскиот конкурс за новата претседателска библиотека Теодор Рузвелт во Северна Дакота.
Победничкиот дизајн претставува објект со масивен закривен покрив, осмислен на начин да делува како продолжение на ридест локалитет, во чија близина е националниот парк Бадлендс, како и ранчот Елхорн.
Според зборовите на архитектите од бирото Snohetta, објектот ќе биде изграден од природни и обновливи материјали и ќе биде опремен со енергетски системи кои во регионот ќе постават нови стандарди за одржлив дизајн.
Snohetta, токму поради ваквиот свој пристап, беа пофалени од жирито, бидејќи се во согласност со филозофијата за конзервација и зачувување, со која се раководел Рузвелт додека бил 26. претседател на САД во периодот од 1901. до 1909. година.
„Кога проектираме нов проект, размислуваме за тоа како на местото или на заедницата да им дадеме повеќе отколку што иницијално побараа од нас. Така претседателската библиотека на Теодор Рузвелт во потполност ја интегриравме во пределот Бадлендс “, изјавија за Dezeen архитектите од Snohetta.
Предвидено е развојот на овој проект да не запре само на оваа локација, туку да се прошири и да се поврзе со реката Мисури, поранешниот воен камп Cantonment и оригиналното железничко складиште, каде Рузвелт првпат имал контакт со оваа област.
„Ова ќе биде единствена претседателска библиотека лоцирана веднаш покрај некој национален парк. На овој начин на посетителите ќе им се овозможи да ја видат и почувствуваат самата основа на конзервацијата “, изјави Теодор Рузвелт Петти, правнук и имењак на 26-тиот претседател на САД.
За разлика од типичните библиотеки, претседателските библиотеки во САД повеќе личат на архив или музеј, во кој се чуваат и ставаат на увид претседателските документи и лични предмети. Овие библиотеки се финансираат од приватни фондови, а со нив управува националниот архив. Последен пример е претседателската библиотека на Барак Обама.