Со грант од Американската амбасада во Македонија ќе се изврши конзервација на мозаикот и мермерните декоративни елементи на крстилницата на Епископската базилика на локалитетот Стоби.
Американскиот амбасадор Бејли посочи дека ова е трет грант од Амбасадорскиот фонд на САД наменет за локалитетот Стоби по двата претходни гранта – во 2003 година беше доделен грант од 15.000 долари за археолошки ископувања, а во 2010 година грант од 72.600 долари за заштита на фреските во Епископската базилика.
– Соединетите Американски Држави се горди на партнерството што го имаме во Македонија со Министерството за култура, со музеите, Националната установа Стоби и со други институции во заштитата на вредното културно наследство какво што е ова, истакна Бејли, додавајќи дека ги разбираат приоритетите на Министерството за култура и НУ Стоби и е среќен што со овој грант ќе се придонесе за заштита и адекватна презентација на крстилницата во Епископската базилика.
Притоа тој посочи дека од Амбасадорскиот фонд на САД почнувајќи од 2001 година досега се доделени 12 гранта за зачувување конзервација и реставрација на вредни споменици на културата во Македонија спомнувајќи ги Кокино, Златковата кула во Кратово, црквата Богородица Перивлепта во Охрид, Шарената џамија во Тетово итн.
Договорот за грантот кој е во износ од 89.000 долари го потпишаа американскиот амбасадор Џес Бејли и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Министерката за култура Канческа Милевска ја истакна важноста на археолошкиот локалитет Стоби кој, како што рече, е еден од нашите најзначајни споменици од римската и доцноантичка епоха кој има извонредно зачувани и раскошно украсени јавни и резиденцијални градби.