Американската компанија Amogy Inc. со база во Њујорк, има намера да го претстави првиот брод на амонијак до крајот на оваа година. Доколку се се одвива според планот, продажбата ќе започне во 2024 година. Поморскиот транспорт се наоѓа во незгодна положба, бидејќи е одговорен за 3% од глобалната емсисија на стакленички гасови, па индустријата е подготвена да помине на „позелен“ начин на транспорт. Но, технологијата како елекричните батерии кои се денес достапни, не може да поддржи транспорт на големи далечини. Од друга страна, амонијакот е алтернатива која ветува, но сепак мора да се докаже.
Компанијата Amogy е основана во 2020 година, и има за цел декарбонизација на транспортот на товар со своите решенија на база на амонијак. Минатата година компанијата демонстрирала како со амонијакот се напојуваат тешки товарни возила, а сега тргнува во демонстрација на својата технологија кај пловилата. Иако претходно Amogy користела амонијак како гориво за согорување, за оваа демонстрација планира да го подели соеднинението на водород и азот, така што првиот елемент може да се користи во горивните ќелии за производство на електрична енергија и напојување на електричните мотори. Амонијакот можеби нема енергетска густина како дизелот, но неговото согорување не доведува до емисии на јаглерод. Сепак, моментално неговото производство е извор на емисии, но се вложуваат напори за производство на „позелен“ амонијак. Плановите на споменатата компанија можат да бидат осуетени и од другите компании кои работат на реализација на слични планови. Кому ќе му припадне титулата е помалку важно, бидејќи на светот му се потребни повеќе иновации со цел поморскиот транспорт да се ослободи од јаглеродните емисии. Секој придонес ќе игра улога, доколку светот сака да ја постигне јаглеродната неутралност до 2050 година или порано.