Се случи и тој историски момент за кој во последно време доста се дискутираше кога се работи за иднината на дроновите.
Така, американската компанија за онлајн-трговија „Амазон“ ја изврши првата достава со дрон.
На домаќинство во близина на Кембриџ во Англија од небо пред врата му е спуштен уред за стриминг, како и вреќичка пуканки. Стоката била доставена 13 минути откако излегла од складиштето, после нарачката примена преку Интернет.
Веста за првата достава со дрон ја објавил извршниот директор Џеф Безос. Според британските закони, забранета е широка употреба на дронови за достава, но оваа прва достава претставува историски момент за компании како што е „Амазон“.
Пакетите што може да се доставуваат на ваков начин може да тежат најмногу 2,3 килограми и може да се доставуваат само преку ден, при ведро време.
Од „Амазон“ се надеваат дека еден ден ваквиот начин на достава ќе биде вообичаен, како сега што е доставата со камиони и други возила на четири тркала.