Швајцарија сака да ги прошири своите акумулации, со цел да ја зацврсти својата енергетска стабилност. Тамошните хидроцентрали би можеле да помогнат да се намали цената на енергијата и во земјите од ЕУ. Но, ваков договор сеуште е на чекање. Реверзибилната хидроцентрала Nant de Drance, јужно од Женевското езеро во Алпите, би требало да биде пуштена во работа ова лето. Со инсталирана можност од 900 MW, тоа ќе биде втора по големина хидроцентрала во Швајцарија. Станува збор за реверзибилна електрана, чија горна акумулација е на височина од 2.200 метри и содржи доволно вода за 20 часа работа под полно оптоварување, Најголемата реверзибилна хидроелектрана во таа земја, Linth-Limmern, се наоѓа во централниот дел на Швајцарија. На мрежа е приклучена во 2016 година и има капацитет од 1000 MW. Но, она што овие две електрани ги прави посебно важни за процесот на премин кон обновливи извори на енергија, е тоа што за помалку од десет минути тие може да се трансформираат од режим на производство во режим на складирање. Со оглед на растечката потреба за складирање на енергија, не треба да изненадува што енергетските компании градат реверзибилни електрани – дури и ако се тие вложувања огромни. Двете споменати швајцарски хидроелектрани чинеле околу 2,1 милијарди евра. Меѓутоа, мерено според ефектите и капацитетот, складиштењето вреди двојно повеќе. Реверзибилните електрани се проектирани за рок на користење од 80 години и теоретски бесконечен број на циклуси на полнење и празнење, додека од друга страна големите литуим јонски системи за складиштење на енергија губат и до една третина од својот капацитет после 10 до 20 години.
Но, за жал изградбата на реверзибилни хидроелектрани во Европа во последните години стагнира. Еколошките организации сметаат дека потенцијалите за ваков вид електрани се веќе исцрени, а тоа посебно важи за Австрија. Комбинацијата на извори на електрична енергија во таа земја е многу слична на онаа во Швајцарија, односно има значителен удел на хидроенергија. На хидроцентралите се изведуваат само помали проширувања, бидејќи било какви нови значителни проширувања бараат огромен зафат односно сериозно влијание врз животната средина. За ова во Швајцарија се водат жестоки расправи. Дури и за проектите кои предвидуваат само проширување на постоечките акумулации, постапките на одобрување често траат и над 15 години. Минатата есен, еколошките здруженија и операторите на електраните, на една округла маса за хидроелектраните постигнале договор за 15 конкретни проекти со помош на кои капацитетот на реверзибилните електрани до 2040 година би се зголемил за 2 до 11TWh. Но, во Швајцарскиот совет за водена енергија SWV се скептични. Сметаат дека овие проекти не се исплатливи и дека е потребна спогодба со Европската унија. Меѓутоа, засега нема ништо од тоа. И затоа, членките на тој швајцарски сојуз не можат да профитираат од атрактивниот енергетски пазар на ЕУ. Сојузот се сомнева и во исплатливоста на реверзибилните хидроцентрали, но оценува дека тоа во иднина би можело и да се смени, односно тогаш кога ќе се зголеми производството на енергија од обновливи извори со кои реверзибилните електрани добро се надополнуваат.
Производството на енергија од хидропотенцијалот во Швајцарија има долга традиција. Таа алпска земја дури 60% од своите потреби покрива од различни видови на хидроцентрали. Електричната енергија се извезува, во износ од околу 10% од вкупно произведената. Но, вишоците се остваруваат само во периодот од март до октомври, бидејќи во остатокот од годината снегот и мразот ги блокираат водените маси.