Градот Алеп во Сирија датира уште од третиот милениум пред нашата ера и се смета за еден од најстарите контиунирано населени градови во светот. Во последниве неколку години е сериозно разрушен како последица од бомбардирањата. Покрај загубата на човечките животи и бројните страдања на неговите граѓани со кои секојдневно се соочуваат, што секако е најголемата трагедија, она што му се случува на овој град денес е огромна загуба за светското историско и културно наследство.
Бидејќи Алеп бил една од главните станици на Патот на свилата, градот изобилувал со пазари групирани според различната стока која се продавала – свила, зачини, сапун, кожа и сл. Градот го добива името според локалниот бел варовник со кој бил изграден градот, а градското јадро се формирало околу средновековна тврдина на височинка од околу 40 метри. Ова место претставувало центар на традиционалната арапска архитектура, поезија, музика и занаети.
Во градот има повеќе објекти од 13 и 14 век (карван сараи, амами, медреси и сл.) кои до пред војната се вбројувале меѓу најзачуваните објекти од средновековната исламска архитектура. Архитектурата на Алеп претставувала мозаик од историското наследство проткаено со влијанијата на многу народи и верувања. Црквите, џамиите и синагогите се одликуваат со различни стилови – барок, неокласицизам, ориентални па дури и кинески влијанија.
Стариот град на Алепо е на листата на УНЕСКО од 1986 година. Денес речиси ништо не останало од овој прекрасен град.