Веројатно за многумина првата асоцијација на Египет се пирамидите, за некои можеби луксузните ресорти и песочни плажи, а сигурно за малкумина тоа е древниот бисер на Медитеранот, градот Александрија. Тоа е град кој крие неверојатна историја започната уште пред нашата ера, освојуван и поробуван, но секогаш стамено и гордо исправен пред сите (не)времиња и предизвици.
Сите тие епохи оставиле своја трага – споменици од римско и од грчко време, џамии, православни цркви, хотели со раскошни орнаменти од времето на колонијализмот, но и исклучителни примероци на модерната архитектура, како на пример познатата библиотека „Александрија“.
Она што првично го окупира вниманието на патот од аеродромот кон градот е импозантната патна инфраструктура – модерен автопат со по шест ленти во една насока. Покрај патот, повеќе рафинериски комплекси со импозантни димензии. Да, технолошки шок во земјата во која поради релативно нискиот БДП од една страна и славната историја од друга страна, веројатно очекувате „само“ културен шок.
Но, се чини и во така кревка економија, се знае што треба да биде приоритет. Бисерот на Медитеранот со своите над 5,5 милиони жители изгледа како повеќе да се вклопува во амбиентот на своите соседи на северот, отколку со оние од Блискиот Исток. Градот на познатиот Светилник од Фарос, едно од седумте светски чуда, сведокот на интензивната романса помеѓу Марк Антониј и Клеопатра, основан е во 331 г. пр. н. е. од страна на Александар Велики, односно проектиран од страна на неговиот личен архитект Динократес.
Поради својата местоположба станува едно од главните пристаништа на Медитеранот, но и важна копнена рута која ги поврзува Азија и Европа, а се развива и како важен центар на трговијата – житото и памукот биле особено важни култури кои се извезувале од Египет. Во средниот век се развива и трговијата со зачини, кои токму преку ова пристаниште го наоѓале својот пат до Европа. Сосема е јасно дека по познатото откритие на Васко де Гама во 15-тиот век, кога е откриен поморскиот пат до Индија, Александрија губи добар дел од протокот на стоки транспортирани преку ова пристаниште. Се разбира по изградбата на Суецкиот канал, многу нешта повторно се враќаат во корист на Египет.
Богатата трговска размена низ вековите, како и миксот од различни култури остава траги до денешен ден. Иако муслиманите се најмногубројни, во градот постои и заедница на православни христијани – копти, која сочинува околу 10 % од популацијата. Една од најпознатите цркви е Коптската православна патријаршија на Александрија.
Но, градот бил и научен центар. Проминентни интелектуалци како Евклид и Архимед живееле токму во овој град. Се разбира, најпознатото собиралиште на најдобрите умови била Александриската библиотека, една од најголемите библиотеки во античко време, која датира од некаде третиот век пр. н. е.
Низ турбулентните историски периоди кои следувале, библиотеката е разрушена, но нејзиното наследство продолжува да се негува како важен дел од египетската култура. Уште во 1974 година се појавува идејата за возобновување на ова здание. Во 1988 година со помош на УНЕСКО спроведен е меѓународен архитектонски конкурс (категорија која изгледа е заборавена кај нас), и меѓу 1 400 пристигнати решенија избрана е компанијата Snøhetta, а во тимот учествува и еден египетски архитект.
Тимот креира проект кој во неверојатен спој ги обединува модерната архитектура со традицијата, на начин кој инкорпорира мноштво симболика. Конечно, по повеќегодишна изградба, објектот е завршен и пуштен во работа во 2002 година. Самиот концепт на распосланост на повеќе нивоа (вкупно 11) – под и над земјата е импозантен. Читалната е најголемиот на светот отворен простор кој го поседува една библиотека. Има околу 8 милиони книги и богата интернет-архива, како и бројни постојани музејски поставки. Кустоси специјализирани за конкретни области синхронизирано Ве водат низ секој од овие изложбени простори, вешто користејќи ја секоја минута за да Ве информираат буквално за секој важен аспект.
Прецизноста и професионалноста која е вткаена во секој детал од работењето на оваа установа навистина импресионира, со оглед дека генерално граѓаните на Египет не се многу познати по својата точност и одговорност. Некако се наметнува убедувањето дека ова е град на многубројни контрасти. Просто е неверојатно како една таква богата култура, но и богат трговски центар стотици години наназад, денес има толку голем број сиромашно население и во материјална смисла, но и своевидна криза на духот која се чувствува речиси на секој чекор.
За жал не е ретка сликата на луѓе кои чекаат пред портите на јавните здравствени установи, па дури и ја поминуваат ноќта на отворено обидувајќи се да добијат лекарска помош. Да, постои и приватно здравство, кое се разбра не е достапно за најголем дел од населението. Сообраќајната инфраструктура во градот е солидна, има и трамвајски јавен превоз, но она што веднаш паѓа во очи кај секој странец е сообраќајниот метеж и многу ретките семафори за пешаци кои и онака никој не ги почитува.
На местото на некогашниот Светилник од Фарос во 1840 година изградена е тврдината Qaitbay, со цел да го штити градот од нападите од море. Денес, тоа е една од туристичките атракции на градот и место каде се одржуваат фестивали на традиционални танци и други културни манифестации.
Посебна приказна се хотелите во градот, од кои голем дел се остаток од времето на колонијализмот (Британска Империја) и градени се на почетокот на дваесеттиот век. Раскошот и богатството се инкорпорирани во разни елементи на ентериерот и на фасадата на објектите. Ковани огради, отворен лифт исто така со елементи од ковано железо (главно од реномираниот бренд OTIS), витражи, исклучително високи тавани, внимателно насликани менија во хотелските ресторани со интересни детали од животот главно на Клеопатра и Марк Антониј, но и со познати поети и други личности кои престојувале во конкретниот хотел.
Во последните децении, бројни инвеститори вложуваат во изградба на станбени згради и градот постојано се шири. Но, често се занемаруваат ограничувањата и препораките во однос на катноста на објектите со цел да се добие поголема корисна површина. Имено, поради значителното присуството на соли во почвата кои делуваат корозивно на самата конструкција, се препорачува помала катност со цел обезбедување стабилност на објектите. Наспроти новите градби, постојат мноштво стари станбени згради со речиси уништени фасади, за кои на прв поглед ќе се запрашате дали воопшто се во употреба. Но, тоа е само уште еден сегмент од многубројните контрасти во овој град.
И сосема за крај, неизбежен е фактот дека геополитички првенствено поради фактот што овој дел на Медитеранот поседува извори на нафта и гас, Александрија но и Египет генерално повторно го добиваат своето место на глобалната мапа. Имено, Европската комисија нескриено ги покажува своите амбиции за соработка со овој регион, соочена со војната во Украина и откажувањето од руските енергенти. За потенцијалот кој оваа земја го располага во областа на обновливите извори, особено енергијата од Сонцето, излишно е и да се зборува. Затоа, не треба да нè зачуди ако во блиска иднина, Александрија – бисерот на Медитеранот блесне повторно во својот стар сјај.