Александер Калдер (1898 – 1976) бил американски скулптор чиј опус главно бил посветен на кинетичката уметност.
Најпознат е како Александер Калдер, внимателно избалансирани конструкции кои целосно или делумно се нишаат под влијание на воздушните струи. Тој исто така создал големи апстрактни конструкции (т.н. стабили) и жичани фигури.
Калдер потекнува од семејство на познати скулптори, дедо му и татко му исто така биле скулптори и токму од нив Калдер ги добил првите лекции, а образованието го продолжил преку приватни часови по сликарство, а подоцна студирал уметност во Њујорк, но се запишал и на студии по инженерство (што подоцна се покажало мошне важно, при иновациите на мобилните скулптури).
Веќе во дваесеттите години ги изработил своите први скулптури од дрво, а во 1927 година создадени се неговите први подвижни играчки. Во доцните дваесетти години, започнал да ги прави своите први фигури од жица, кои доминирале во раниот период на неговото творештво.
Во раните триесетти, Калдер ги запознал Мондријан, Миро, Арп и Дишан во Париз и се приклучил на групата Abstraction-Creation (1931-1936) и почнал да работи на своите мобили, скулптури кои се движат механички.
Наскоро настануваат и неговите статични монументални апстрактни конструкции, кои ги нарекол стабили како би ги разликувал, но и поврзал со своите мобили. Калдеровите стабили се многу важен дел од историјата на кинетицизмот и модерната уметност, со оглед на тоа дека тие го означуваат прекинувањето на врските помеѓу кинетицизмот и механички придвижуваните дела.
За светската изложба во Париз во 1937 година, направил фонтана на жива во спомен на жртвите од ископувањето на жива. Од 1976 година оваа фонтана се наоѓа во Музејот на фондацијата Хуан Миро во Барселона.
Тој се вбројува во главните претставници на кинетичката уметност и највлијателните уметници на апстрактната уметност, а неговите дела се наоѓаат во музеите ширум светот. Едно негово дело „Црвен полигон“ се наоѓа и во нашиот Музеј на современа уметност, дело кое Калдер по земјотресот во 1963 година го подарил на новоформираната институција.