Во среда (24 мај) во Галеријата за современи уметности FLUX во Скопје ќе се отвори изложбата „Спонтан израз“ на македонскиот скулптор Александар Ефтимовски.
„Спонтан израз“ е изложба посветена на случајноста, бидејќи уметноста е случајна, а заедно со неа случајни се и ефектите кои ги оставаат самите алатки. За една скулптура да биде цела или комплетна, клучен е изборот на материјал, димензија, композиција, а секако и ликовните елементи. Времето за формирање на една комплетна ликовна форма е составено од математички и технички дел. Математичкиот или делот пред пренесување на идејата во материјал го зема најголемиот дел од создавањето на едно ликовно дело. Тој е комбинација од идеи, размисли, виртуелни визуализации, скици, комбинации на материјали… , додека техничкиот дел кој е материјализација на идејата во конкрертен материјал и форма зема една десетина од времето. Моментот на финалната обработка или тој спонтан израз на едно дело, е оној кога авторот интервенира без претходно размислување. Тој момент е пресуден за формирање на скулптурата во една комплетна целина. Токму таа спонтаност го дава карактерот и белегот на еден ликовен израз.
Александар Ефтимовски е автор кој ја посвети својата младост на учење и истражување на апстрактната формална скулптура. Основите на своето творештво ги постави на академиите во Италија. Карактеристично за неговите дела се чистите плоснати површини, острите агли и перфорациите. Особено впечатливи се засеците кои авторот ги одзема од самата компактна форма. Во последно време, Ефтимовски е посветен на изработка на скулптурални објекти од голем формат на европските и светските симпозиуми на скулптура.
Изложбата во Галеријата за современи ументности FLUX ќе трае до 30 мај.