Престижната Прицкерова награда за архитектура за 2016 година, официјално му беше доделена на архитектот Алехандро Аравена (Alejandro Aravena) во Чикаго, Илиноис, на 13 јануари годинава.
Свечената церемонија, којашто е позната на интернационално ниво, ќе се одржи на 4 април во Њујорк. Ова е 41-то официјално доделување на наградата, а Аравена е првиот архитект со потекло од Чиле кој успеал да ја понесе оваа награда, односно четвртиот архитект од Јужна Америка, по Луис Бараган (1980) Оскар Нимаер (1988) и Паоло Мендес де Роша (2006).
Претседателот на фондацијата „Хајат“, што ја доделува наградата, Том Прицкер, изјави дека жирито се одлучило за архитект кој навистина ги продлабочува нашите размислувања во однос на тоа што е навистина одличен дизајн. Алехандро Аравена како современ архитект произведува моќни архитектонски дела кои одговараат на клучните предизвици на 21 век. Неговите објекти даваат подобра економска можност на помалку привилегираните, ги ублажуваат последиците од природните катастрофи, ја намалуваат потрошувачката на електрична енергија и обезбедуваат урбан јавен простор. Неговата архитектура е иновативна и инспиративна, истовремено покажувајќи како може да го подобри животот на современиот човек.
Сијамски кули
Алехандро Аравена зад себе има неверојатно богато творештво и колекција на објекти како што се центарот за иновации ,,Anacleto Angelini“, потоа Сијамските кули, училиштето за медицина, училиштето за архитектура и училиштето за математика во Чиле како дел од комплексот ,,Católica de Chile“, како објекти кои се одликуваат со голема енергетска ефикасност и истовремено одговараат на локалните климатски услови со иновативни, ефикасни фасади и просторни организации.
„Новартис“ – административен објект
Дел од неговото творештво заземаат административниот објект на компанијата за здравство ,,Novartis“ во Шангај, универзитетскиот дом ,,St. Edward’s“ во Тексас и голем број други објекти кои само го надополнуваат инзворедниот дизајн на архитектот.
Алехандро Аравена е роден во 1967 година во Чиле. Тој ги завршува своите студии по архитектура на универзитетот ,,Católica de Chile“ каде што подоцна и самиот станува професор. Својата следна диплома ја добива на универзитетот ,,Instituto Universitario di Architettura di Venezia“ во областа на архитектонската историја и теорија. Во своето професорско искуство ги вклучува и предавањата на универзитетот ,,Харвард“ како визитинг професор, додека истовремено како едно од најзначајните негови достигнувања може да се наведе директорската позиција на архитектонското биенале во Венеција во 2016 година под наслов ,,Известување од фронтот“ (,,Reporting from the Front“) кое ќе се отвори во месец мај.
Центар за иновации
Од 2001 година до денес тој е сопственик на архитектонското студио ,,Elemental“ заедно со неговите партнери Gonzalo Arteaga, Juan Cerda, Victor Oddó и Diego Torres. Нивната главна цел е да се фокусираат на проекти кои се од јавен интерес и општествено влијание, вклучувајќи објекти за домување, јавни простори, инфраструктури и транспорт.
Социјално домување
Социјално домување
Еден од најзначајните проекти, кои ова архитектонско студио ги изработува, е дизајнирањето на околу 2.500 социјални станбени единици чијшто дизајн остава простор за доградба на објектите од страна на сопствениците според материјалната моќ.
Училиште за математика
По објавувањето за добиената награда, познатиот архитект изјави дека е длабоко благодарен, но дека оваа заслуга не е индивидуална, туку дека архитектурата претставува колективна дисциплина, односно тој им се заблагодари на сите оние што придонесуваат за развој и разновидност во користењето на просторот на неговите објекти. Тој смета дека сериозноста и престижноста на оваа награда ќе влијае мотивирачки и ќе го предизвика да истражува нови територии, да се соочува со нови предизвици и да пронаоѓа нови области на дејствување. Новиот план е да се раководи без план, да се соочи со неизвесното и да биде отворен кон неочекуваното.
Медицинско училиште
Училиште за математика