Насловна / Вести / Алаѓозовски: Пределот претставува ресурс кој го поттикнува економскиот развој

Алаѓозовски: Пределот претставува ресурс кој го поттикнува економскиот развој

Пределот претставува ресурс кој го поттикнува економскиот развој и чија заштита, управување и планирање може да придонесе за креирање нови работни места, истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски на отворањето на форумот на тема „Предизвици во имплементацијата на Европската конвенција за предел – Културното наследство пределот“.еуро центар

Форумот на оваа тема, посочи, се организира првпат во нашата земја со цел да ги поттикне активностие на надлежбите за спроведување и унапредување на примената на оваа конвенција ратификувана од Република Македонија во 2004 година. Според Алаѓозовски, станува збор за важен документ, една од четирите европски конвенции кои го адресираат третманот на културното наследство, кои се ратификувани од нашата земја и чии одредби во голем дел се инкорпорирани во домашната легислатива.

– Комплексноста на ова прашање претпоставува интердисциплинарен приод, механизми за интегративен пристап и меѓусекторска соработка, со цел да добиеме стратешки патокази за процесите на идентификација на предели кои имаат значајна улога во заштитата на животната средина и планирањето на просторот – додаде Алаѓозовски.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули рече дека на културната карта на Република Македонија, која е разновидна, регистрирани се недвижни споменици на културата со извонредни културно-историски вредности. Посочи дека најголемиот дел од руралните објекти и објектите од недвижното културно наследство, се градени во предели со посебни природни вредности што ја потврдува нераскинливата врска меѓу природното и културното наследство.

– Донесен е Законот за заштита на природата во кој е утврден и третиран поимот „заштитен предел“, изготвена е Национална стратегија за заштита на природата во која се идентификувани предели и пределски типови на територијата на Република Македонија, Студија за валоризација и управување со пределите во Националниот парк Маврово, а во постапка е валоризација на природните вредности на Шар Планина, Осоговските планини и Јабланица… – рече Макрадули.

Очекува Република Македонија полека, но сигурно да почне да чекори во насока на остварување на целите на Европската конвенција за пределот.

Форумот го организира Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети Икомос Македонија со поддршка на Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ. Претседателот на Икомос, Лазар Шуманов рече дека предлагаат зголемена меѓусекторска односно меѓуминистерска соработка на ниво на држава, да се формира постојано координативно тело на министерствата за култура, животна средина и просторно панирање и транспорт и врски и да се организира регионален форум на оваа тема.

(МИА)

Испрати коментар

Scroll To Top