Проектот на ентериерот на Големата сала е направен во согласност со Главниот проект на Филхармонијата во Скопје, кој го изработи фирмата „Македонијапроект“, со тендерска документација заверена од страна на Министерството за култура на РМ и со проектна задача на инвеститорот со препорака за дизајн на акустика. Проектот за ентериерот е изработен паралелно со проектот за акустика со заедничко усогласување. Проектот на ентериерот и изведбата на работите во Големата сала ги извршуваше стручен тим на фирмата „Страбаг“ АГ. Надзор вршеше екипа од ГИМ Скопје и активно соработуваше. Површината на салата со придружните простории е околу 1000 m².
Функционалност
Во салата има четири влезови за публика, по два на првиот и вториот кат, како и два влеза на сцена со кои се пристапува од нивото на првиот кат. Сите влезови се позиционирани кон јавните простори, фоајето и галеријата на ниво на првиот кат.
Аудиториумот се состои од 26 редови со ширина од 90 см, со исклучок на редовите 5 и 19 кои се со ширина од 170 см и тоа на местата на влезот. Денивелациите на редовите се 10, 20, 30 и 40 см. Бројот на фиксни седишта во аудиториумот е 893, а на мобилните 74. На ниво на вториот кат се наоѓаат две галерии со 17, односно 15 фиксни седишта. Вкупниот број на гледачи во Големата сала е 999. Во делот на сцената, како и во делот на аудиториумот, предвидени се ревизиони отвори за пристап кон просторот под акустичкиот под. Во подовите се наоѓаат дифузори за вметнување на чист воздух од внатрешниот простор – пленум во просторијата Голема сала.
Сцената се состои од дел за оркестар и дел за хор. Се предвидува дополнителна поделба на нивоата со мобилни практикабли. Сцената, исто така, е пристапна од нивото на аудиториумот со фиксни скали, како и хорски редови.
Акустичкиот плафон над аудиториумот и сцената е специјано обликуван, според ентериерското решение и акустичките пресметки, така што дистрибуцијата на звукот во салата се врши рамномерно до сите редови на аудиториумот.
Плафонот во однос на ѕидната облога има шлиц од 30 см со цел функционирање на вентилацискиот систем за извлекување на воздухот. Во овој простор се предвидени технички патеки со цел ремонт и замена на осветлувањето, сценската техника и останатата опрема. Овој технички простор во однос на челичната конструкција е одвоен со противпожарен плафон според проектот за заштита од пожар.
На сите ѕидови од Големата сала се поставени мобилни апсорпциони банери (специјални дупли завеси) за постигнување посебни акустички ефекти. На фронталниот ѕид е оставен простор за оргули кои дополнително ќе се постават. Столиците се на фирмата Figueras Carmen 128, специјално редизајнирани за овој проект.
Управувањето со системите се извршува од режиската соба, по потреба командната конзола може да се префрли во салата на предвиденото место во 19 ред, и тогаш управува директно од просторот.
Осветлувањето се состои од осветлување на гледалиштето со помош на лед траки, лед рефлектори и сценско светло со хојст и скриено од бочните ѕидови, се користат лед, халогени рефлектори и моторизирани рефлектори. Со комбинација на свис системи за осветлување, бел и RGB, се добиваат и специјални ефекти по потреба.
Ентериер
Просторијата на Големата сала ентериерски е осмислена во склад со современите трендови за ваков тип објекти, меѓусебно усогласен со проектот за акустика, со повеќе повторувања. Подовите во Големата сала, во делот на аудиториумот и сцената, се од паркет цреша со дебелина од 2,9 см, положен врз повеќеслојна водоотпорна иверица. Потконструкцијата е дрвена и премачкана со ПП премази со заштита од 90 минути. Паркетот е лакиран со мат лак со водоотпорни карактеристики според стандардите EU/DIN. Во подовите се вградени дифузери за вентилација. Потконструкцијата на салата – ламинирано дрво, потпрена е на Silomer, и така е одвоена од бетонската конструкција и на тој начин изолирана од структурална бучава.
Предната страна на трибината и скалите, обложена е со повеќеслојна водоотпорна шперплоча со паркет цреша. Лакирањето е како и кај подната облога. Предната старна на сцената е обложена со повеќеслојна водоотпорна шперплоча и фурнирани MDF плочи од американска црна цреша. Лакирањето во склад со подната облога.
Редовите во аудиториумот и самата сцена се лачни со два реда за минување на публиката. Влезот во салата е од ниво на 5. ред – први кат, и 19. ред – втор кат. На тие места премините се одвојуваат од аудиториумот полн со огради, со облоги исти како на страните на сцената. На делот на спојот со подот се предвидени подни лајсни. Целата подна површина во обработката се третира како монолитна површина обложена со дрво во сложена форма.
Ѕидовите и плафоните се обложени со акустички панели на потконструкцијата, кои ги задоволуваат барањата за пресметка со цел остварување на задоволителна акустика во салата. Акустичките панели со дебелина од 3 см се тешки 37 кг/м² што е пропишано во тендерската документација. Видливата страна од панелот е обложена со дрвен фурнир, тип американска цреша, и лакирана со мат лак со водоотпорни карактеристики според стандардите EU/DIN. Фурнирот е посебно избран и аранжиран за секој елемент од ентериерот.
Панелите на бочните ѕидови од салата во пониската зона, се со расцепкана поделба и денивелирани со цел остварување на соодветни акустички резултати. Во горните зони се наоѓаат лачни површини кои исто така овозможуваат рамномерна дистрибуција на звукот кон гледалиштето, а исто така служат и како маска за сценската техника.
Обликот на плафонот е одреден од условите, проектот за акустика и според решението за ентериерот. Во делот на аудиториумот, скалесто се спушта кон кабината за режија, додека во делот над сцената, поделен е на поситни елементи според барањата на акустиката. Делот од плафонот над бината, по потреба се отвора – кога се активира звучниот систем (се спуштаат звучници).
Акустички дизајн
Проектирањето концертни сали е една од најделикатните задачи на акустичкиот дизајн. Во него се поставуваат неколку битни барања: да се постигне очекуваната естетика на звучната слика што ја добиваат слушателите во салата, изведувачите на бината да имаат звучен амбиент што им овозможува леснотија во заедничкото музицирање и на секој поединечно му помага подобро да се изрази музички, но и да се постигне сето тоа во просторот што ги задоволува високите критериуми на визуелната естетика.
Акустичкиот консалтинг во рамки на дизајнот на салата на Филхармонијата е доверен на стручниот тим на Лабораторијата за акустика на Електротехничкиот факултет од Белград, кој го води професор д-р Миомир Мијиќ и професор д-р Драгана Шумарац Павловиќ. Ревизијата на дизајнот за акустика го направи Akustik Buch GmBH.
Акустичкиот дизајн на Големата сала на Македонската филхармонија беше инспиративна задача, бидејќи требаше во просторот со однапред зададен геометриски облик и големина да се истражат сите можности и да се анализираат разни интервенции кои можат да дадат очекувани резултати. Бидејќи салата првенствено е наменета за живи музички изведби, основна задача е да се зачува расположливата енергија на природните извори на звукот и да ѝ се овозможи разиграност по просторот. Заради тоа сите материјали во ентериерот на салата се масивни и посебно внимание е посветено на нивниот избор.
Проектираната градежна конструкција на салата, која беше изградена пред почетокот на работата на акустичкиот дизајн, внесе некои ограничувања со својот волумен и специфичниот облик. Заради тоа посебно внимение е посветено на бројните детали во ентериерот кои требаше да го минимизираат негативниот ефект на почетните градежни услови. Најважните интервенции во салата се воведување на релјефни детали на бочните ѕидови во пределот на бината и на делови од плафонот.
Во процесот на нивниот дизајн се користени лабораториски испитувања на физичките модели на делови од ентериерот за да се предвиди влијанието на предложените варијанти на релјефните форми во звучното поле на салата. Седиштата внимателно се одбрани, така што претставуваат дополнителен дифузен елемент во салата со кој се збогатува текстурата на акустичкиот одзив во салата. Како резултат, постигната е неопходна дифузност на звучното поле и изедначена е гласноста на звукот по површината на аудиториумот. Акустичкиот квалитет на концертната сала се вреднува со објективните параметри како што се индекс на бинарен квалитет, текстура на одзив, привидна ширина на звучниот извор и латерална енергија. Со објективни мерења и субјективни оценувања, утврдено е дека овие цели се постигнати.
Зоран Гаковиќ, дипл.арх.инж.
Проект на ентериерот: Страбаг АГ