Единаесеттото издание на Фестивалот за современа уметност АКТО, организиран од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат, продолжува во Тетово на 2 и 3 декември, со што завршува овогодишното издание.
Фестивалот што влезе во својата втора деценија како POP UP АКТО, започна во Битола во август, продолжи во Скопје во септември, а третата фаза се одржа во Штип во октомври.
POP UP АКТО е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД. Последната етапа од фестивалот ќе се одвива во соработка со тетовскиот Центар за балканска соработка ЛОЈА. Програмата на POP UP АКТО во Тетово ќе се надоврзе на темите отворени во Битола, Скопје и Штип, во однос на политичката моќ на колективите и важноста на заедничкото дејствување.
Фестивалската програма во Тетово вклучува јавни дискусии, изложба, театарска претстава, музичка програма, како и саем на книги.
Програмата за Тетово вклучува две јавни дискусии од фестивалската серија „УМЕТНОСТ ЗА ПРОМЕНИ: Одговорноста на уметникот во време на политичка и општествена криза“, во кои, освен домашни говорници, ќе учествуваат и гости од Приштина и Србија. На првата фестивалска вечер ќе се одигра и претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“ на режисерката Билјана Радиноска, во продукција на АРТОПИЈА – Скопје.
Во Тетово, како и во претходните три града, ќе биде поставена изложбата „Колективна одлука – идентитет(и)“.
Во рамки на фестивалот ќе се организира и музичка програма со гостинката Blerta Kosova од Приштина, а во текот на вториот фестивалски ден во Центарот ЛОЈА ќе се одвива и саем на книги.
Куратори на POP UP АКТО се Филип Јовановски и Ивана Васева, додека ко-кураторка е Биљана Тануровска – Ќулавковски.