Четворица активисти на еколошката организација „Гринпис“ извршија упад во Парламентот на Нов Зеланд и заобиколувајќи ги безбедносните заштитни мерки, се искачија на покривот на зградата. Демонстрантите, врзани меѓу себе со дебело јаже и закачени за оградата на фасадата, седат на симсот од зградата, над главниот влез во Парламентот, каде истакнаа голем антивладин транспарент.
Целата акција е изведена во знак на протест против политиката на новозеландската влада и, како што велат, нејзниниот неуспех во заштитата на човековата околина и борбата против климатските промени. Протестот на еколозите и освојувањето на покривот на Парламентот, почнал вчера рано наутро.
Полицијата ги заобиколи сите приоди кон парламентарното здание во Велингтон, но нејзин претставник изјави дека нема да интервенира, објаснувајќи дека полицајците ќе чекаат демонстрантите сами да се симнат од покривот. Во Нов Зеланд сега е почеток на зимата и во јужните делови од Северниот остров и на соседниот Јужен остров, времето во вечерните часови и преку ноќта е многу студено.
Управата на Парламентот и безбедносната служба покренаа истрага за овој инцидент, настојувајќи да откријат како припадниците на „Гринпис“ успеале да се пробијат, незабележани од никого, во парламентарната зграда и да се искачат на нејзниот покрив.