Насловна / Вести / Акредитирани геомеханички лабораториски испитувања

Акредитирани геомеханички лабораториски испитувања

Slika 1

Геомеханичките лабораториски испитувања се процес со кој се собираат релевантни информации за физичко-механичките својства на почвите, при изработка на проектно техничка документација неопходна за добивање позитивно мислење за проектиран степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита.

Само добро опремена лабораторија за геомеханички истражувања и испитувања со едуциран, мотивиран и искусен персонал, може успешно да ги извршува задачите што ги бара современото геотехничко проектирање.

Акредитацијата на методите за лабораториски испитувања според EN ISO/IEC 17025 е логичен чекор напред за секоја лабораторија која има потенцијал да се развива и да ги наметне своите услуги на корисникот како компетентен извор на резултати од лабораториски испитувања.

Aкредитација е потврдување од страна на националното тело за акредитација, дека определено тело за оцена на сообразноста ги задоволува барањата предвидени со националните, европските и меѓународните стандарди.

Барањата на стандардот EN ISO/IEC 17025 не е лесно да се задоволат. Освен строгите технички барања, се бара и високо едуциран персонал, како и развиен систем на управување со записи во кои се прати секоја фаза на испитување на примерокот со повеќекратна контрола на излезните резултати од опитот. Критериумите на чија основа се врши оценувањето се засноваат на меѓународниот стандард EN ISO/IEC 17025, каде се оценуваат сите оние фактори кои се значајни за техничка компетентност на една лабораторија:

  • компетентен и искусен персонал;
  • соодветна опрема – адекватно калибрирана поради обезбедување следливост на мерењата;
  • адекватни услови во кои се вршат испитувањата;
  • важечки методи по кои се вршат испитувањата;
  • соодветен систем на управување;
  • поседување на соодветни процедури и др.Slika 2

За определување на параметри на физичко-механичките својства на почвата, во лабораторија за геомеханички испитувања се реализираат следните испитувања:

  • определување на содржина на вода;
  • определување на волуменска тежина на ситнозрни почви;
  • определување на волуменска тежина на цврсти честички;
  • определување на гранулометриски состав;
  • едометарски опит со инкрементално оптоварување;
  • едноаксијална јакост на притисок на ситнозрни почви;
  • опити на директно смолкнување;
  • определување на водопропустливоста со константен и променлив притисок;
  • определување на Атербергови граници;
  • консолидиран триаксијален опит на водозаситени почви;
  • методи за испитување на лабораториска референтна маса и содржина на вода – збиеност по Проктор;
  • методи за испитување за определување на Калифорниски индекс на носивост (CBR)

Посебно важна улога во геомеханичките испитувања има триаксијалниот опит. Во триаксијалниот апарат најблиску се симулираат услови „in situ“ во кои се наоѓа почвата. Се работи за сложен апарат кој е составен од многу посебни целини. На него може да се извршуваат повеќе видови триаксијални испитувања во кои примероците почва се изложуваат на различни состојби на напрегање. Овие испитувања се сметаат за круна на геомеханичките лабораториски испитувања на почви.

Во Македонија постојат само неколку триаксијални апарати, од кои три се во Лабораторијата за испитувања за геомеханика, градежни материјали и животна средина „ГЕИНГ КуК“, единственa во Македонија коja го има акредитирано овој метод уште во 2012 година.

Имплементирањето на стандардот EN ISO/IEC 17025 е од големо значење за секоја лабораторија. Со самото добивање на сертификат за акредитација, лабораторијата во секој момент е во состојба своите клиенти да ги увери дека резултатите од испитувањето што го врши се точни и доверливи, а самото испитување е извршено на компетентен начин. Со други зборови, може да се каже дека во акредитирана лабораторија може да се има доверба, дека својот дел од работата ќе го заврши на исправен начин ускладен со одредени правила и норми.

Подготвиле:

Марија Филиповска, дипл.геотех.инж. Марија Шиндева, дипл.геотех.инж. (ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

Испрати коментар

Scroll To Top