Насловна / Вести / Акредитирана метода за триаксијални испитувања

Акредитирана метода за триаксијални испитувања

Покрај стисливите и деформабилните карактеристики на почвата, како уште позначајни, а можеби и најважни, се нејзините јакосни параметри, односно јакоста на смолкнување на почвите. Јакоста на смолкнување, всушност, го претставува најголемото напрегање на смолкнување што во услови на одредено нормално напрегање, може да се нанесе врз почвата во одреден правец.

Јакосните параметри, како параметри што ја отсликуваат почвата, се употребуваат при решавање на речиси секаков вид проблеми во геотехничката пракса и при определување, усвојување и анализирање на истите неопходно е да се посвети посебно внимание.

геинг_2

Во лабораториски услови, јакосните параметри можат да се определат со помош на  Триаксијален опит.

Триаксијалниот апарат е најсложениот апарат за испитување, во споредба со сите останати апарати во геомеханичка лабораторија. Пред сè, самиот апарат бара многу внимателно и прецизно ракување. Сложеноста на самата опрема, како и прецизноста при самата подготовка и вградување на материјалот значајно влијае при точноста на резултатите.

Токму заради неговата сложеност, како и значајност на резултатите од истиот, од особена важност за една акредитирана геомеханичка лабораторија е поседување на опрема за триаксијални испитувања и акредитација на методот.

геинг_1

Во Македонија постојат само неколку триаксијални апарати, од кои три се во Лабораторијата за испитувања за геомеханика, градежни материјали и животна средина ,,ГЕИНГ КУК, која прва го има акредитирано овој метод уште во 2012 година.

Триаксијалниот опит се изведува најчесто на непореметени почвени примероци, но исто така и на пореметени и вештачки вградени примероци во ќелиите. Исто така, триаксијалниот опит може да се изведе како дрениран опит – за крупно зрнести материјали, и недрениран опит – за ситнозрнести материјали.

Се испитуваат најмалку три примероци кои се оптоваруваат со различни притисоци, најчесто 100 kPa, 200 kPa и 400 kPa. Може да се примени и друга низа на оптоварување, доколку за тоа бидат наведени конкретни причини. Во текот на опитот при различни услови се регистрираат притисоците и деформациите на примерокот, врз чија основа се пресметува јакоста на смолкнување.

Главната предност на опитот на триаксијална компресија, во однос на опитот на директно смолкнување е можноста за мерење на порниот притисок или промената на волуменот во процесот на деформирање. Впрочем, покрај вкупните, односно тотални напрегања, може да се мери и порниот притисок, така што преку разликата на тоталните напрегања и порниот притисок се определуваат ефективните напрегања.

Според начинот на испитување во триаксијалниот апарат, се разликуваат четири стандардизирани постапки:

  • Недрениран опит
  • Консолидирано недрениран опит
  • Консолидирано дрениран опит
  • Едноаксијална јакост на притисок

Резултатите се презентираат графички преку дијаграми со соодветни зависности.
Истите наоѓаат широка примена при решавање на различни проблеми од областа на геотехниката и воопшто во градежништвото, бидејќи нивното определување, усвојување и понатамошна употреба е прва појдовна точка за реализација на каква било конструкција.

Подготвил:

Mартина Јосифовска, дипл. геотех. инж.

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

Испрати коментар

Scroll To Top