Владата на Нов Зеланд покрена нова кампања со цел да ги поттикне посетителите да ја почитуваат животната средина на оваа земја. Ова е одговор на растечката загриженост на јавноста за последиците по животната средина предизвикани од туризмот. Кампањата подразбира пуштање на промотивно видео во авионот на патниците кои летаат за Нов Зеланд, под името „Тиаки ветување“. Се работи за низа принципи осмислени од страна на Министерството за туризам. „Тиаки“ значи „да се грижиш за“, на домородскиот Маори јазик. Кампањата ги поттикнува туристите да положат заклетвадека во текот на нивниот престој нема да го загрозат природното опкружување и дека ќе ги почитуваат локалните обичаи и заедницата. Во ова двеминутно видео меѓу другото се слуша следново: „Нов Зеланд е наш дом. Тој ни е драгоцен. Сите кои живеат овде и сите кои го посетуваат, имаат одговорност да го чуваат“.
Во последните години, туризмот во Нов Зеланд забележува голем подем, и веќе е водечка индустриска гранка, пред мелечната индустрија која до 2016 беше неприкосновена во уделот на приходите. Во последните три години, земјата ја посетиле околу 3,8 милиони туристи. Директорот на канцеларијата за туризам вели дека доколку не постојат одредени смерници, туристите ќе го прават истото што го прават и во својата земја. Во некои делови на светот е прифатлива негрижата за својата околина.
Кампањата ќе биде промовирана и преку социјалните медиуми. Таа исто така ги потсетува туристите да ја почитуваат Маори културата, да се подготват за престој во природа и да возат на левата страна од патот.