Почнувајќи од утре „Јавна соба“, во рамки на кампањата „Мрдни со прст“, најавува почеток на проектот „Дотерај го Скопје”, кој ќе вклучи озеленување на градот и сите негови општини. Сите жители на градот ќе имаат можност директно да учествуваат во оваа граѓанска инцијатива. За да го одбележи почетокот на проектот , тимот на „Јавна соба“ засади стебленца со брзорастечки бршлени на неколку локации низ градот.
„Сите ние секојдневно минуваме низ јавен простор кој може да изгледа многу поубаво со минимална интервенција. ‘Јавна соба’ смета дека граѓаните можат и треба да учествуваат во решавањето на нивните локални проблеми“ – изјави Александар Велиновски, директор на „Јавна соба“.
„Ги повикуваме сите граѓани да се вклучат во кампањата за разубавувањето на јавниот простор во Скопје. Станете урбани херои и дотерајте го градот за наше добро!“ – додаде тој.
Сите лица кои сакаат да учествуваат во дотерувањето на јавниот простор треба првично да направат фотографија од локацијата каде сметаат дека со мала урбана интервенција – засадување зеленило ќе се разубави околината. Фотографиите од локацијата треба да ја пријават на веб-страницата и да наведат колку растенија им се потребни за да ги засадат. „Јавна соба“ ќе донира брзорастечки бршлени.
Во претстојните месеци „Јавна соба“ ќе објави конкурс за музичари и бендови од најразлични жанрови со авторска музика, кои ќе имаат можност да снимат спот и на тој начин да се вклучат во оваа кампања. На крај на кампањата, „Јавна соба“ ќе ги претстави резултатите во форма на фестивал, на кој ќе се изложат фотографиите од интервеции низ Скопје и ќе настапат победничките бендови на конкурсот.