Поради климатските промени и зголемувањето на просечната температура на водата, тигрестите ајкули го прошируваат својот опсег. Ова е дел од истражувањето објавено во списанието Global Change Biology.
Со секое зголемување на температурата на водата, односно зголемување за еден степен Целзиусов, тигрестите ајкули го прошируваат своето движење за 400 километри, покажа новото американско истражување.
Затоплувањето на океаните поради климатската криза има значително влијание врз миграцијата на тигрестите ајкули. Ова им овозможува на овие предатори да го прошират својот опсег, но ги изложува на нови ризици.
Студијата на научниците од Универзитетот во Мајами покажа дека и локацијата и времето на миграција на тигрестите ајкули се менуваат со затоплувањето на морињата во светот, што сè повеќе ги преместува надвор од заштитените подрачја, каде што се поподложни на комерцијален риболов.
Тигрестата ајкула е една од најголемите ајкули, а возрасните можат да достигнат должина од 7,5 метри.
Додека водите на североисточниот брег на Соединетите Американски Држави се премногу студени за тигрестите ајкули, температурите на водата значително се променија во последниве години, па овие ајкули се во пораст.
“Годишните миграции на тигестите ајкули се проширија во правец на половите, паралелно со порастот на температурата на водата“, вели Нил Хамершлаг, директор на Програмата за истражување и зачувување на ајкулите на Универзитетот во Мајами и главен автор на студијата.
Најновите податоци откриваат дека светските океани се потопли од кога било, а температурите рушат рекорди шеста година по ред.
Тим научници предводени од Нил Хамершлаг девет години го надгледувале движењето на тигрестите ајкули преку сателит, анализирајќи го нивното однесување.
“Со оглед на нивната улога како врвни предатори, овие промени во движењето на тигрестите ајкули може да ги променат интеракциите меѓу предаторите и пленот, што ќе доведе до еколошка нерамнотежа и почести средби со луѓето“, вели д-р Нил Хамершлаг.