Годинава се навршуваат 125 години откога во 1889 година во Париз е завршена Ајфеловата кула, тогаш највисока градба во светот. Металната кула со висина од 300 метри (сега околу 320 метри поради телевизиските и антените за мобилна телефонија), првично е планирана како експонат, воедно и главна капија за влез во Светската изложба со која е одбележана стогодишнината од Француската револуција.
Кога кулата е изградена, многу жители на Париз оценувале дека е грда и оти треба да биде отстранета, но со текот на времето таа стана симбол на градот и своевидно ремек-дело.
Ајфеловата кула по двогодишната изградба е инаугурирана на 31 март, а свечено е отворена на 6 мај 1889 година. Оттогаш таа е најпознатиот симбол на Париз и годишно е посетена од над пет милиони луѓе.
Кулата името го доби по инженерот Гистав Ајфел (1832-1923), кој ја предводеше екипата експерти, а претходно се истакна како градител на мостови и вијадукти за железницата, но и за металната конструкција за Статуата на слободата.
На највисокиот кат од кулата е сместена реплика на канцеларијата на Ајфел и негова восочна фигура.