Црквата „Света Софија“ во Истанбул ќе се модернизира со цел повторно да стане џамија, пренесе деновиве турскиот печат, додека проектот за претворање на познатата црква од музеј во исламски верски храм предизвика доста полемики во јавноста, особено во Турција и Грција. Весникот „Хуријет“ соопшти дека на почетокот на следната година би требало да се почне со реновирање на тоа здание. Грција остро реагираше на изјавата на турскиот заменик премиер Булент Аринч, кој неодамна изјави дека наскоро „Света Софија“ повторно ќе биде џамија. Византиската црква „Света Софија“ била изградена во 537 година, а во џамија била претворена во 1453 година, за време на Отоманската империја. Потоа во 1935 година била претворена во музеј. Аја Софија е на листата на светското културно наследство на Обединетите нации за образование, култура и наука (УНЕСКО).
Грчкото Министерство за надворешни работи објави дека „изјавата на турскиот висок функционер за конверзија на византиската црква во џамија ги навредува верските чувства на милиони христијани“. На ова реагираше и турското Министерство за надворешни работи, кое соопшти дека од Грција „не може ништо да се научи“ кога е во прашање слободата на религијата. „Неповолниот третман на културните објекти и на местата за богослужба од отоманската ера во Грција е многу добро познат на сите”, се вели во соопштението на турското министерство.