Насловна / Вести / Air France – KLM е најголем светски потрошувач на одржливо авио-гориво

Air France – KLM е најголем светски потрошувач на одржливо авио-гориво

Air France – KLM во 2022 година била најголем светски потрошувач на одржливо авионско гориво (SAF), односно искоростила 17% од вкупното светско производство на ова гориво. Во 2023 година, потрошените количини на одржливо гориво на оваа групација биле двојно поголеми отколку во 2022.

Одржливото авио гориво е најважниот фактор за декарбонизацијата на авијацијата, и може да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 75%. SAF е течно гориво кое може да се произведува од бројни суровини вклучувајќи отпадни масла и масти, зелен и комунален отпад и сл. Досега се сертифицирани седум технологии. Најпопуларниот процес е HEFА (hydrotreated esters and fatty acids), а добиеното гориво се меша со млазно гориво. Со процесот на хидротретирање на маслото и мастите, се отстрануваат сите двојни врски на јаглеродот и кислородот од биолошката суровина. Исто така, може да се произведе синтетички.

saf1

Интересно е дека токму KLM Royal Dutch во 2021 година, е првата компанија во светот која изведе комерцијален лет на синтетички керозин произведен на база на јаглерод диоксид  и вода со употреба на енергија од обновливи извори. Обемот на авиосообраќајот во последните 50 години значително се зголемил, па со тоа и емисиите на јаглерод диоксид во тој сектор. Растот во цивилното воздухопловство изнесува дури 176%. Тој сегмент моментално во вкупната количина на емитуваниот јаглерод диоксид придонесува со 2,6%. Проекциите покажуваат дека пред 2050 година уделот би можел да достигне 20%, доколку не се превземат сериозни чекори.

Европската унија неодамна донесе закон ReFuelEU, обврзувајќи ги снабдувачите со авионско гориво најдоцна до 2030 година да го подигнат уделот на SAF на 6%. Имено, според новите правила. керозинот ќе мора да се меша со одржливо авио гориво, при што тој удел постепено ќе се зголемува. Првиот задолжителен праг – 2% на одржливо гориво е планиран за 2025 година, а за 2050 година целта е дури 70%.

saf2

Во Air France–KLM, велат дека имаат уште поамбициозни цели. Компанијата планира до 2030 година да достигне удел на SAF од 10%, и дека тогаш емисиите на јаглерод диоксид ќе бидат 30% пониски мерено по патник на поминат километар, во споредба со 2019 година. SAF е четири до осум пати поскап отколку керозинот, па затоа и побарувачката е послаба, а со тоа и самото производство.

Испрати коментар

Scroll To Top