Авиокомпанијата Air France продолжува да ја обновува својата флота и во услови на пандемија. Првиот од 60-те нарачани авиони Airbus A220-300, стигна на аеродромот Charles de Gaulle. Air France планира до 2025 година со овој тип на авиони да ги замени своите летала од постарата генерација (Airbus A318 и A319, како и неколку Airbus A320 ) на својата мрежа на кратколиниски и среднолиниски летови.
Со модернизацијата на флотата, Air France го исполнува својот план за одржливост во работењето: Airbus A220-300 е направен од лесни материјали, користи 20% помалку гориво и генерира 34% помалку бучава во однос на авионите од претходните генерации. Новиот модел е исто така и поекономичен, бидејќи ги намалува трошоците за 10% по седиште.
Наречен Le Bourget во чест на францускиот град длабоко поврзан со воздухопловната индустрија, овој авион има крилесто морско коњче на предната страна на трупот и кај моторите, историски симбол на авиокомпанијата кој ја илустрира нејзината богата историја и митот за нејзиното настанување.