Насловна / Архитектура / Гоцевото училиште во Штип со нов лик

Гоцевото училиште во Штип со нов лик

uciliste-goce-delcev-stip-thumb.jpgОсвен објектот е предвидено и уредување на дворот. Тоа е втора фаза во која ќе биде вклучено поплочување на површините со гранит, уредување со парковско зеленило, поставување на канделабри и клупи, како и изработка на фонтана. Во самиот двор е предвидено да биде поставена и скулптура на Гоце Делчев.

Беше потребна одлука училиштето во Ново Село во Штип да биде ново седиште на Ректоратот при Универзитетот "Гоце Делчев" во Штип, за да се запре неговото пропаѓање. Потсетникот на автентичната македонска архитектура од славното штипско Ново Село, дополнително засилено со фактот што таму своевремено учителствувал и македонскиот револуционер Гоце Делчев, беше оставен на немилост на времето. 

uciliste-goce-delcev-stip-1.jpg

Типична руина, која ниту оддалеку не се вклопуваше во заедничкиот двор со црквата "Пресвета Богодорица". Напротив, со мини игралиштето и поставените руинирани и дотраени кошови, тоа беше повеќе глетка на буниште отколку на локација достојна за своевиден историски монумент во спомен на легендата на македонскиот непокор. Универзитетот "Гоце Делчев" во Штип ја препозна важноста на овој објект и одлучно презеде активности со кои ги спои во едно модерното, практичното и историската оставштина. Најверојатно до крајот на оваа година, по завршување и уредување на внатрешноста на објектот, Ректоратот на Универзитетот ќе се пресели во ова училиште, со што на веќе реконструираното и импозантно обновено Гоцево училиште ќе му дадат и своевидна живост. 

uciliste-goce-delcev-stip-2.jpg

Обновата влегува во финиш, а надворешноста што ги плени штипјани, отсликува една поинаква реалност на која може да се воодушевуваме со гордост. Идејното решение за проектот е на фирмата "Слеме проект", односно на архитектот Благој Здравев. Со обновата се внимавало да биде зачуван постојниот и автентичен изглед на училиштето, а со оглед на тоа што станува збор за историско богатство, изгледот на новата фасада пред реконструкцијата е одобрена од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство. Според доц.д-р Кирил Барбареев, портпарол и проектор за развој, инвестиции и одржување при штипскиот Универзитет, и внатрешноста на новиот Ректорат ќе го задржи стилот со цел да биде во духот на историското минато. Во ректоратот е предвидено да бидат сместени: кабинетот на ректорот, шефот на кабинет на ректорот, просторија за состаноци, за проректорите и секретарите, за правната служба, одделот за јавни набавки, одделот за сметководство, одделот за човечки ресурси, архива, бифе и конгресна сала. Во новиот ректорат ќе се направи и спомен соба на Гоце Делчев која ќе биде во склоп на конгресната сала. 

uciliste-goce-delcev-stip-3.jpg

Замислено е во спомен собата да бидат изложени документи кои се пронајдени, а кои се со потпис на Гоце Делчев, како и други предмети кои директно или индиректно зборуваат за периодот во кој тој бил учител во Штип. На новата фасада доминираат новите дрвени прозорци, со што е зачувана автентичноста, а и главниот влез, чии потпорни столбови со настрешница се обновени. На левата страна на објектот, останува само споменик-релјефот на Гоце Делчев, каде бројни делегации му оддаваат почит одбележувајќи го денот на неговото раѓање и на неговата смрт. Освен објектот, е предвидено и уредување на дворот. Тоа е втора фаза во која ќе биде вклучено поплочување на површините со гранит, уредување со парковско зеленило, поставување на канделабри и клупи, како и изработка на фонтана. Во самиот двор е предвидено да биде поставена и скулптура на Гоце Делчев. Со оглед на тоа што објектот дели заеднички двор со црквата "Пресвета Богородица" во кој најкарактеристична е малата и трошна куќарка во сопственост на Брегалничката епархија, е планирано да се уреди и комплексот со црквата, односно старата куќичка на црквата да биде обновена во традиционален македонски стил, со претходно одобрување од страна на Епархијата, во фазата кога ќе се уредува надворешниот дел на објектот. Со оглед на тоа што дел од црквата веќе беше обновен, на овој начин, целиот комплекс ќе биде уреден и обновен со што ќе добие препознатлив белег, достоен за посета и престој.
 

uciliste-goce-delcev-stip-4.jpg

 
 
Драган Ристов

Испрати коментар

Scroll To Top