Насловна / Порта3 / Апстракт од дисертацијата на архитект д-р Петар Николовски

Апстракт од дисертацијата на архитект д-р Петар Николовски

Image

Трендот на климатските промени на глобално планетарно ниво, особено засилен при крајот на минатиот
век, кој континуирано продолжува и во овој век, несомнено беше причинет од зголемената емисија на штетни гасови во атмосферата, т.н. “стакленички гасови”, кои се продукт на зголемените човечки активности во сите домени на технолошкиот развој.

Ако се исклучат недоволно користените обновливи извори на енергија, главен енергент за обезбедување на енергетските потреби во зградите се фосилните горива. При нивното согорување доминантен нуспроизвод е стакленичкиот гас јаглероден диоксид (ЦО2), кој е главниот виновник за формирањето на “стаклената градина”.

Истовремено и паралелно со ова, енергетската криза станува сe поизразита и сe поостра. Потрошувачката на енергија во градежниот сектор изнесува околу 40% од вкупните енергетски потреби на земјите. Значи, основната мерка за намалување на овие енергетски загуби е оптимална топлинска изолација на градежните конструкции. Притоа, има еден факт, кој од овој аспект, глобално, земјите ги дели во 2 групи: земји што лежат во подрачја со сеизмичка стабилност, каде што зградите се проектираат и изведуваат само на вертикални оптоварувања, и земји во региони со сеизмич ка активност, каде што се применуваат строги критериуми во согласност со законската регулатива при изведба на згради отпорни на сеизмички удари. Но, истовремено мора да се почитува и регулативата за заштеда на енергијата и енергетската ефикасност на објектите, во согласност со стандардите ЕН ИСО и директивите на ЕУ.

Во принцип, техниките за топлинско изолирање не им пречат на сеизмичките конструктивни системи. Меѓутоа, спротивно, во најголем број случаи, сеизмичките барања се контрапродуктивни на ефектите од топлинската изолација. Значи, мора да се најде компромис којшто би ги задоволил овие две спротивставени барања. Ова особено се однесува на топлинските мостови кои масовно се генерираат кај градежните детали при сеизмичка градба, и тоа во својата најнегативна форма.

Тргнувајќи од овој аспект, во дисертацијата е анализирано влијанието на топлинските мостови на 3 основни модели на згради, варирани во вкупно 360 симулации по однос на катноста (од 1 до 10 ката), местоположбата на топлинската изолација (4 положби) и 3 методи по однос на употребените вредности на коефициентите на линеарно пренесување на топлината на топлинските мостови.

Резултатите од сите 360 симулации прикажани се табеларно и графички. Тие недвосмислено покажуваат дека влијанието на топлинските мостови во вкупните топлински загуби може да биде значително, во зависност од формата на зградата, нејзината катност и местоположбата на топлинската изолација. Во најекстремните случаи, загубите низ топлинските мостови ги надминуваат загубите низ рамните градежни конструкции.

Но, тоа не се единствените несакани ефекти од топлинските мостови. Редовна појава се ниските внатрешни површински температури на топлинските мостови, кои се причина за кондензација на влага и појава и растежна мувла, што од медицински аспект е неприфатливо. Во законската регулатива на сите земји од Европската Унија посветено е посебно внимание на критериумите според кои оваа појава не е дозволена. Дисертацијата дава низа заклучоци и препораки, кои налагаат сериозност кон третманот на топлинските мостови. Некои од заклучоците се:
1.Не постои објект (зграда) без топлински мостови.
2.Не постои методологија за практична процена на топлинските мостови во региони со зголемена сеизмичка активност.
3.За пресметка на топлинските протоци низ нехомогените градежни конструкции не може да се употребува еднодимензионален модел, бидејќи тој не дава точни резултати. Отстапување од хомогеноста на слоевите е причина за дво или тродимензионално пренесување на топлината, т.е. појава на 2Д или 3Д топлински мостови. Математичките процедури за нивната пресметка сосема се различни од оние за еднодимензионалните пресметки.
4.Во одредени случаи (на пример, пресек на два дводимензионални линеарни топлински моста, кои формираат тродимензионален топлински мост), наместо 3Д пресметка, упростена 2Д пресметка може да даде задоволителни резултати.
5.Суштинска карактеристика на топлинските мостови е температурниот фактор и соодветно, минималната температура на внатрешната површина. Предложен е упростен метод за нивното одредување при 3Д геометриски модел (пресек на два линеарни топлински моста).
6.За процена на влијанието на топлинските мостови постојат две решенија: користење пресметковни методи на база на сложени математички процедури, применливи исклучиво со помош на компјутерски софтвер и достапни на многу мал круг корисници, и употреба на каталози на топлински мостови, употребливи од страна на многу поширок круг корисници.
7.Постојните национални каталози на топлински мостови во земјите од ЕУ содржат детали кои не се употребливи во градежната пракса во земјите во региони со зголемена сеизмичка активност.
8.Во рамките на еден ист модел се јавуваат значителни отстапувања на загубите во зависност од местоположбата на изолациониот слој. Најмали загуби се кога изолацијата е од надворешна страна, што значи дека правилно место на топлинската изолација е од надворешна страна на градежната конструкција.
9.Деталите на топлинските мостови во стандардот МКС ЕН ИСО 14683 не соодветствуваат на аналогните детали, вообичаени во градбата во сеизмички региони.
10.Топлинските загуби предизвикани од топлинските мостови во региони со зголемена сеизмичка активност се значителн  поголеми во споредба со региони без или со мала сеизмичка активност.
11.Користење на постојните национални и ЦЕН каталози на топлински мостови во сеизмичките региони не е можно поради отсуство на детали на топлински мостови вообичаени во сеизмичката градба.
12.Разработен е модел на каталог на линеарни топлински мостови во региони со зголемена сеизмичка активност.

Препораки

1.Основната препорака која произлегува од реализацијата на целта на презентираната дисертација е изработка на каталог на линеарни топлински мостови, карактеристични за регионите со зголемена сеизмичка активност.
2.Во креирањето на ваков каталог може да се вклучат заинтересираните земји од регионите со зголемена сеизмич ка активност.

 

Објавено во број 91. 

Испрати коментар

Scroll To Top