Насловна / Интервју / Емотивно сум врзан со секој мој изграден објект

Емотивно сум врзан со секој мој изграден објект

bozidar-veljanovik-thumb.jpgБожидар Вељановиќ, претседател на компанијата MIWEL што веќе две децении успешно работи во Русија, раскажува за својот животен пат. Македонец по потекло, роден е во Белград во 1938 година каде и го завршил Градежниот факултет. Работел во некои од најголемите претпријатија од бивша Југославија, како што се "Компграп" и "Генекс". 

Преку четириесет години живее во странство, каде што го привлекуваа професионалните предизвици и градителската љубопитност. Денес е претседател на компанија која претставува голема фамилија и збир на професионалци кои заедно работат на големи проекти ширум Руската Федерација.

 

Можете ли да ни ја претставите компанијата MIWEL и проектите на кои моментално работите?

 

Компанијата е регистрирана после воведувањето на меѓународните санкции против СР Југославија. Почнавме со мали работи. Како искусен инженер кој работел во "Конграп" и "Генекс", со големи изведени проекти, ја имав таа привилегија да можам да одберам најдобри луѓе за соработници, од инженери до работници за завршни работи. 

bozidar-veljanovik-1.jpg

Минатата година го завршивме објектот во Олимпискиот комплекс, театар и бизнис центар од 70.000 квадрати. Со истиот инвеститор работиме на проектот "Царев часовник", комплекс од апартмани и административен простор во самиот центар на Москва, на брегот на реката спроти Кремљ. Направивме голем луксузен станбен комплекс Камелот, наречен според дворецот Камелот во Англија. Освен тоа, преговараме околу неколку други работи. Фирмата е организирана така што покрај силниот инженеринг работат и големи професионалци во комерцијалната и финансиската служба. Како фирма имаме репутација и пофалби од врвни московски архитекти, дека никогаш немале побрзи и поефикасни соработници. Последниве десетина години изработуваме работна документација, додека идејните проекти ги изработуваат московски архитекти, што за нас е олеснителна околност.

 

Како кризата во градежниот сектор влијаеше на вашата компанија?

 

Можам слободно да кажам дека кризата не влијаеше значително на нашата компанија. Ние сме една од ретките фирми која опстана на пазарот. Последните години добивавме големи работи, како што се објекти кои треба да ги градиме од 4 етажи под и 15 ката над земја во елитен дел на Москва. 

bozidar-veljanovik-2.jpg

Инвеститор е една од најголемите банки и штедилници "Сбербанк". Нашата предност е во тоа што секогаш бевме ефикасни и коректни, што е реткост со роковите. Работиме и систем "под клуч" (клуч на рака кој го опфаќа целокупниот градежен процес.

 

Бидејќи сте со децении во Русија, како би го опишале рускиот пазар, што бил тој некогаш, а што е денес?

 

Ние сме присутни на рускиот пазар уште од времето на социјализмот. Првиот објект на кој јас работев беше Хотел Космос во Москва, граден за сместување на новинарите и учесниците на Олимпијадата во 1980 година. Хотелот го градевме заедно со француски партнери, а го завршивме многу брзо и квалитетно. Самиот процес на градење имаше одредени новитети во градбата, како што беше употребата на бетонски пумпи. 

bozidar-veljanovik-3.jpg

Еднаш користевме бетонска пумпа за да замениме дрвена со бетонска плоча, во управната зграда на инвеститорот. Низ прозорец пумпавме бетон и за два часа завршивме. Многу луѓе доаѓаа и се чудеа на оваа техника и прецизност. Но, да се вратам на рускиот пазар, тој е огромен и со големи потенцијали. Русија е голема неизградена земја, во близина на Москва и Санкт Петербург постојат огромни можности за развој и градба. Сега е актуелен Сочи, дел заради претстојните зимски Олимиски игри, а дел заради тоа што има многу инвеститори кои ја препознаа можноста за вложување во туристички и станбени објекти.

 

Каква е вашата соработка со македонскиот градежен сектор?

 

Јас имав среќа да работам во голем градежен комбинат каков што беше "Комграп", и каде што имавме развиен дел за напредна технологија. Бевме поврзани со градежни фирми од Скопје, соработувавме со "Пелагонија", "Бетон", "Гранит" и други. Тоа беа силни градежни фирми, како и останатите социјалистички фирми во тоа време. Особено добри односи имаме со фирмата "Адинг" од Скопје. Тие имаа лиценца на водечка швајцарска технолошка фирма. Тоа е компанија каде работат врвни технолози, и од нив купувавме додатоци и адитиви. 

bozidar-veljanovik-4.jpgБевме први кои почнаа да применуваат додатоци за современо производство на бетон. Ние сега во Москва работиме на минус 20 степени сосема нормално. Не се во прашање само додатоците за бетон туку и додатоците за фасада, премази и завршни градежни работи. Сите објекти кои ги градиме имаат производи на "Адинг". До денешен ден останавме соработници и пријатели. Најголема соработка остваривме при изградбата на фабриката на металуршкиот комбинат во Жлобин, во Белорусија. Тука вградивме огромни количини на додатоци за бетон и за подови.

 

Колку концептот на еколошко градење е присутен кај вас?

 

Во Русија и во Србија е можна примената на најсовремени материјали за термичка заштита. За жал, производството кај нас сè уште не е доволно развиено. Парадокс е што до денес во Србија најисплатливо греење е греењето на дрва. Ние се враќаме 100 години наназад заради економската криза. Заштеда може да се постигне само со примена на најсовремена технологија во термичката заштита, додека соларната технологија бара големи вложувања и инвестиции, па не треба премногу да се очекува на нашиот пазар додека трае кризата.

 

Како градител, имате ли некоја неостварена желба?

 

Тешко е да каже. Како млад инженер, јас ја имав таа среќа да работам година и пол во Скопје, после земјотресот, кога целото југословенско градежништво беше таму. Тоа беше голема школа за мене. Градевме од темел до кров за неколку недели за да можат што побргу да се вселат станарите што беа под шатори.

bozidar-veljanovik-5.jpg

Потоа, како млад и напреден инженер работев во големиот систем "Комграп" и со доста амбиција добивав големи работи, како фабриката за автомобили во населбата Раковица во Белград. Сметам дека нема напредок ако не се поврзат проектантите и изведувачите. Јас секогаш работев на проектирање на деталите, решенија за конструкциите, завршните работи и фасадите. Тоа беше еден многу убав спомен. Во 1974 година заминав за Германија, кога имав решено некои животни проблеми, изградив куќа, добив две деца, но ме привлекуваше љубопитноста и гладтта за наука, да видам како се гради во светот. После тоа никогаш повеќе не се вратив во земјата. Германија беше едно ново искуство за мене, покрај Дрезден работевме огромна челичана за мешани цевки, работеа проектанти од Западна Германија, Чехословачка и Југославија. Јас со 38 години бев главен инженер и координатор за тие работи. Имам орден за работа од Источна Германија и Русија, а ми ги врачија министрите за црна металургија.

 

Може ли да се каже дека градежништвото е присутно во вашиот живот 24 часа?

 

Јас сум многу емотивно врзан за градежништвото, би сакал да го оставам, но не можам. Кога гледам интересен филм или нешто друго во исто време размислувам за решение на некој цртеж. Со 74 години и понатаму сум многу активен. Јас и понатаму сум претседател на компанијата, и постојано учествувам во договорите со проектантите и инвеститорите.

 

Освен интензивната градба после земјотресот во Скопје, можете ли да ни кажете што уште имаше влијание врз вашата кариера?

 

Тоа е судбина, јас сум емотивно врзан за секој објект кој сум го изведувал. Покрај тоа, станав пријател со сите мои инвеститори. Во Германија, Австрија и Русија. Тоа се сите мои колеги и инвеститори со кои и ден- денес се сретнувам во Виена, Линц, Москва, каде што евоцираме спомени. Во некоја рака сум вљубеник во работата. Мојот лекар ми вели да не бидам пасивен, и дека тој ќе ми каже кога треба да дигнам раце од работата.

 

Како течеше вашиот градежен пат?

 

Јас сум по потекло Македонец од Кичево. Мојот татко и чичко во 1923 година дошле во Белград, како помошни работници во угостителство, и јас сум роден во Белград. Градежен факултет завршив во Белград во 1962 година. Бев стипендист на фирмата "Градител" од Кичево, и после студирањето работев практика година и пол таму и во Скопје. После првиот ударен бран од изградбата на Скопје, учествувавме на курсеви за сеизмичка градба кои ги држеа Јапонци и Полјаци, а кои дури подоцна станаа стандард кај нас. Во Германија отидов во 1974 година како инженер на "Комграп". Кога се вратив оттаму веќе бев искусен инженер кој стана технички директор. Во "Генекс" преминав во 1989 година, во тоа време најсилна фирма за надворешна трговија која имаше огромни работи во странство. Кога системот се распадна и се воведоа санкции, јас морав да почнам самостојно да работам. Моја среќа беше што имав големо искуство во проектирањето и договарањата на работите.

 

Компанијата MIWEL е основана во 1993 година, а името значи "Ми Вељановиќи". Во тоа време во Русија беше голема криза. Ние почнавме со реновирање на станови и деловни простори, и полека напредувавме кон поголеми проекти. Тогаш го работевме големиот проект на реконструкција и проширување на универзитетот "Ломоносов" во Москва, работевме на кујната, блоковите, кабинетот на ректорот и системот за ладење. Тоа е проект кој многу значеше за нашата фирма во многу тешки времиња.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top