Насловна / Архитектура / Јапонскиот архитект Тојо Ито добитник на Прицкерова награда

Јапонскиот архитект Тојо Ито добитник на Прицкерова награда

obleka-za-urbani-ziteli-1.jpgЈапонскиот архитект Тојо Ито, познат по креирањето на т.н. концептуална
архитектура и по објектите со флуидна убавина во кои физичкиот и
виртуелниот свет се во совршен баланс, е добитник на Прицкеровата
награда, најпрестижното признание во архитектурата. На доделувањето на
наградата, кое се одржа неодамна во Лос Анџелес, жири комисијата истакна
дека архитектурата на Ито го подобрува квалитетот на јавниот простор,
станувајќи инспирација за многу архитекти, критичари, па и за пошироката
јавност.

 

Седумдесетгодишниот Ито е шестиот по ред јапонски архитект, кој го добива ова големо признание. На 29 мај годинава, во Претседателската библиотека и Музејот на Џон Кенеди во Бостон, тој ќе добие парична награда од 100.000 долари, како и бронзен медал. Интересно е тоа што критичарите архитектурата на Тојо Ито ја споредуваат со идеите на некои филозофи, како Мунесуке Мита и Жил Делез.

 

obleka-za-urbani-ziteli-1.jpg

Самиот Ито пак, својата архитектура ја дефинира како "облека" за урбаните жители, што посебно се однесува, како што вели тој, на современите јапонски метрополи. Всушност, станува збор за своевидна рамнотежа меѓу приватниот и интимниот живот и животот на метрополите во целина. Сегашната архитектура на Ито претставува проширување на тоа што тој го направил за време на постмодерниот период. Денес, тој "агресивно" ги истражува потенцијалите на новите форми, притоа обидувајќи се да најде нови просторни услови, кои ќе ја манифестираат филозофијата на "бескрајните суштества".

 

obleka-za-urbani-ziteli-2.jpg

 

Образование и кариера

 

Тојо Ито е роден во 1941 година во Сеул. Дипломирал на Одделот за архитектура при Универзитетот во Токио во 1965 година. По неколкугодишно работење, во 1971 година го отвора своето студио "Урбот" во Токио, кое подоцна било преименувано во Toyo Ito & Associates. Во почетокот на својата кариера, Ито проектирал бројни приватни куќи кои се, пред сè, одраз на урбаниот живот во Јапонија. Неговите најзабележливи концептуални придонеси во архитектурата биле направени преку проектите White U (1976) и Silver Hut (1984).

 obleka-za-urbani-ziteli-3.jpg

Со проектите Тokyo Nomad Girl1 од 1985 и 1989 година, пак, Ито ја претставил својата визија за животот на урбаните "номади", адаптирани на типичниот начин на живот во Јапонија во тој период. Tower of Winds (1986) и Egg of Winds (1991) се всушност обележја на јавниот простор, кои произлегле како резултат на креативна интерпретација на современите технички можности. Додека нивната функција е да бидат места од каде што ќе поминува издувниот воздух во подземениот систем, нивното значење и препознатливиот белег лежи во авторскиот систем на транспарентност.

 obleka-za-urbani-ziteli-4.jpg

Алуминиумските структури во текот на ноќта се "менуваат" преку употребата на компјутерско контролирани светлосни системи, кои претставуваат интерактивен приказ на измерените податоци, како што се нивото на бучава во околина и друго. Архитектонското студио на Тојо Ито е уште познато како вежбалиште за талентирани млади архитекти. Успешни и познати архитекти излегле од неговата канцеларија, меѓу кои Katsuya Fukushima, Makoto Yokomizo и Akihisa Hirata.

 

Изложби

Работата на Тојо Ито е презентирана низ целиот свет преку многуте изложби во кои тој се појавува како автор и куратор. Во 1991 година, тој користел 130 видео- проектори со цел да ја симулира урбаната средина во Токио на големата изложба Visions of Japan во Музејот "Викторија и Алберт" во Лондон. Подоцна, во 2000 година, т.н. Vision and Reality во Лузијана станала и патувачка изложба. Ито всушност го експлоатирал ефектот на видео-проекцијата како медиум, за да ја презентира својата архитектура.

 obleka-za-urbani-ziteli-5.jpg

Изложбата Blurring Architecture, која била иницирана од Музејот Suermondt-Ludwig во Ахен, патувала во четири други градови: Токио, Антверпен, Окленд и Велингтон. Преку оваа поставка, Ито се обидел да го открие "виртуелното" присуство на архитектурата во човечкиот ум. Во 2006 година, тој ја прави изложбата Berlin-Tokyo/Tokyo-Berlin во Neue Nationalgalerie во Берлин. Дизајнот на поставката вклучувал мазен, брановиден пејзаж кој го окупирал главниот изложбен простор на музејот. Оваа изложба, која се реализирала во соработка со Mori Art Museum, била еден од најголемите зафати во историјата на музејот. Голема ретроспективна изложба за работата на Ито, пак, била претставена во Tokyo Opera City Art Gallery во 2006 година.

 

obleka-za-urbani-ziteli-6.jpg

 

Позначајни дела

 

Меѓу позначајните дела на Тојо Ито се: Sendai Mediatheque во Јапонија (повеќенаменски комплекс, кој вклучува библиотека, уметничка галерија, аудио-визуелна библиотека, студио за проекција на филмови и кафуле), потоа VivoCity (еден од најголемите трговски центри во Сингапур, за кој критичарите велат дека е "место полно со енергија и виталност"), Националниот стадион и Интернационалниот аеродром во Тајван, облакодерот Torre Realia BCN со хотелот Porta Fira во Барселона, галеријата Serpentine во Лондон и многу други.

 

Кате АНТЕВСКА, историчарка на уметност

Испрати коментар

Scroll To Top