Доколку го читате овој текст, тоа значи дека апокалипсата нè одминала
или барем е одложена за некое подобро време. Вообичаено, преминот од
една во друга година е одличен повод за сублимација на настаните што се
случиле во годината што изминува, но овој пат очекувањето на
апокалипсата како никогаш досега го окупираше јавното внимание, а тоа не
смее да се игнорира.
Затоа следи текст за настанот по кој ќе биде запаметена оваа фатална година. Сценаријата со кои се калкулира се генерално десетина. Меѓу нив верувале или не, апокалипсата предизвикана од информатичката технологија (ИТ) котира прилично високо. Знам што мислите: Како е можно компјутерите да го предизвикаат крајот? Зарем е можно Autocad да ме убие? Оперативниот систем?
Можеби хардверот или, пак, мониторот. Во некакви чудни и крајно неверојатни околности можеби и тоа е можно. Но овде станува збор за нешто пософистицирано. Веројатно најпредизвикувачките сценарија се однесуваат на "отпаднатите" роботи. Роботите некако сè уште спаѓаат под доменот на ИТ. Иако станува збор за вештачка интелигенција, поради некои добро познати хардверски компоненти управувани од софтвер, одомаќинето е роботите да се сметаат за компјутери. Како компјутерите можат да предизвикаат апокалипса?
Дали (се) би биле во состојба да го победат човештвото и најважното прашање: зошто би предизвикале катастрофа? Сценариото вели дека има неколку начини и причини за евентуален "бунт" на компјутерите. Сите тие тргаат од фактот дека компјутерите се развиваат со геометриска прогресија и дека прашање на време е кога човекот ќе изгуби контрола над нив. А како се тие направени од човечка рака, можни се "багови" и други софтверски грешки, па не е чудно ако тоа ни се врати катастрофално. Од друга страна, со развивањето на компјутерите "мислители", можно е тие да откријат дека човештвото е закана за сè што чекори по планетава, па да се впуштат во "решавање на проблемот" со нечовечки методи. Концептот "бунт на компјутерите" постои уште од далечната 1968 година, кога Артур Кларк ја објави "2001:Одисеја во вселената", култно дело од областа на научната фантастика. Во неа ХАЛ 9000, суперкомпјутер кој управува со вселенско летало ги елиминира астронаутите поради сомнеж дека може да биде исклучен.
Очигледно дека 2001 година не ја дочекавме во таква светлина, иако многу работи се слични. Човештвото денес е многу повеќе зависно од компјутерите отколку што претпоставуваме. Транспортните системи, енергетската инфраструктура (нуклеарките на пример), системите за довод на вода, вентилација и слично се системи кои во голема мера се управуваат преку компјутерите. Колку сме зависни од нив, кажува и мислењето дека е доволна хаварија на софтверските системи на неколку светски познати банки за човештвото да дојде до степен на анархија и гладување. Експертите за вештачка интелигенција предупредуваат дека на роботите не смееме да гледаме со потценување. Иако одвреме навреме ќе се појави некоја демонстрација на хуманоиден робот кој се движи како 100-годишен старец и весело не поздравува, роботите се далеку од тоа. Во моќни лаборатории тие напредуваат до степен каде се софтверски потковани да учат и се развиваат постојано и автономно.
Познато е дека Пентагон активно развива роботи-предатори во вид на моќни убиствени машини, подготвени за секоја ситуација, оставени 24/7 во најзафрлени предели да зададат смртоносен удар. Информациите што ги читавме изминатава година во најтиражните светски новини покажуваа дека иако во финансиска криза, САД вршат реформа на својата армија преку масовно снабдување со автономна напредна технологија. Впрочем, се покажа дека едно од најефективните средства во борбата со тероризмот се токму дроидите, беспилотните летала.
Засега најреална (и веќе присутна) закана со апокалиптични последици е сајбер-војната, односно развој на супервируси кои можат да преземат контрола врз компутерите што се критични за човекот денес.
Вирусите се особено ефикасно средство за нанесување на удар. Во случајот со Иран и неговата нуклеарна програма, софистицираните вируси се покажаа поделотворни отколку конвенционален масивен напад. Интернетот стана задна врата за влез на компјутерските војни искористувајќи ја позицијата на незаменлив детаљ од нашето секојдневие правејќи не поранливи. Познато е дека приватноста на Интернет е "мисловна именка", дека комуникациите и активностите се следат и обработуваат, па определени експерти сметаат дури и тоа дека на Интернет постојат "софтверски духови", "пајаци", скрипти избегани од контрола, кои собираат податоци за нас, не проучуваат, вршат анализи, дејствуваат. За некои од нив знаеме: Google AdSense, на пример, за други не сме ни свесни дека постојат, за трети само претпоставуваме.
Овде, згодно би било да се спомне и проектот Web Bot, кој подразбира компјутерски програм за кој се тврди дека е способен да ја предвиди иднината преку следење на клучните зборови внесени на Интернет, користејќи ја на тој начин "мудроста на толпата".
Проектот бил започнат во доцните деведесетти години од минатиот век со цел да ги предвидува трендовите на берзите. Неговите креатори Клиф Хај и Џорџ Уре веруваат дека направиле машина за предвидување на настани, но технологијата и алгоритмите се сè уште тајна. Научниците велат дека нивниот проект е во најдобар случај псеудонаучен и несоодветен, додека поборниците велат дека програмата успешно ги предвидела настаните од 11 септември, цунами катастрофата, па дури и крајот на светот на 21 декември 2012 година. Се на сè, создадени се предуслови за настани кои би имале сериозни последици по животот на луѓето, а се однесуваат на ИТ индустријата. Поуките од катаклизмите во минатото нè научиле никогаш да не викаме никогаш.
Трајче Стојанов, дипл.инж.арх.