Пред неколку години се постави прашањето: чуму десктоп компјутерите кога
ги имаме преносните компјутери (читај: лаптопови)? Поеднакво се моќни,
мобилни се (и затоа доста применливи), цената им е слична (дури и
поевтина), а згора на тоа, баш е "ин" да се има лаптоп и тоа "личен".
Буквално: лаптоп за секого. Во една спонтана, но стихијна реакција,
корисниците побрзаа да ги заменат старите десктоп компјутери со
"магичните" лаптопови.
Во трка по поефикасен работник, многу компании го направија истото. Аналитичките компании соопштија за страшен пад во продажбата на ПЦ-та и вртоглав раст на продажбите на преносните компјутери. Со други зборови, десктопот го прогласија за мртов, а лаптопот за новиот крал на тронот. Впрочем, тоа и се чекаше, за да се прогласи почетокот на мобилната ера, без разлика што мобилните телефони одамна се прилично популарни.
Сепак, по се изгледа кратко траеше времето на лаптовите. Новата ѕвезда се вика таблет компјутер, а ако се погледне подлабоко, ќе се види дека благодарение на него се враќа јунакот од осумдесеттите – ПЦ-то. Очигледно, проекциите ќе мора да се корегираат. Точно е дека таблетот ќе го прати лаптопот во неповрат, но како таблетот го враќа десктоп компјутерот на мала врата? Лаптоповите се покажаа навистина згодни, особено поради нивната мобилност, но при професионална употреба се покажаа исклучително неергономски и поради тоа несоодветни за намената. Некако, големиот број на поплаки и предупредувањата од експертите за можни болести и телесни деформации не стигнаа до нашите уши.
Но, стигнаа до ушите на други, кои во проблемот видоа предизвик и шанса да завладеат со една штотуку формирана "ниша" на производи, додатоци, кои треба да ги намалат ергономските недостатоци на лаптоповите. Затоа, се почесто гледаме дополнителни монитори, постаменти, тастатури, рамки прикачени на лаптоповите во канцелариите и друго.
И покрај тоа, прашањето е зошто толку напор за да се направат лаптоповите user-friendly? Масите се пренатрупани, каблите се повторно насекаде, имаме дополнителни трошоци за компјутерски елементи. Досега, версатилноста (овозможена поради мобилноста) на лаптоповите беше исклучително важна, веројатно поради недостигот на други мобилни ИТ уреди. Но, сега ги имаме таблет компјутерите, кои со најновите додатоци дејствуваат на ист начин како лаптоповите, со таа разлика што се оптимизирани за уште поголема мобилност.
НЕДОСТАТОЦИ
Тогаш зошто лаптопови? На лаптоповите особено им се замерува за цврстата врска на екранот со тастатурата, која како што ќе видиме, е главен извор на недостатоците на овој уред. Поставен на работна маса, екранот на лаптопот се наоѓа на премногу блиско растојание од очите поради поврзаноста со тастатурата на која за да може да се користи, условува компјутерот да биде блиску до корисникот. Токму затоа, корисникот мора да работи со наведнат поглед и свиткан врат, кој доколку остане во таква позиција повеќе од неколку часа во текот на денот, почнува да страда од деформитет, кој понатаму предизвикува и други проблеми и болести.
Од друга страна, ограничениот простор за поставување на тастатурата во лаптоповото куќиште, малите копчиња и малото растојание меѓу нив, неергономичната положба, предизвикува вкочанетост и болки во прстите и рацете. Сето заедно, предизвикува едно подгрбавено, неергономско седење/поставеност, без разлика дали користиме соодветно столче. За жал, студиите покажуваат дека лаптоповите ги направиле корисниците понекорисни наспроти очекувањата . Логично, десктоп компјутерите се враќаат повторно на нашите работни бироа. Но, до нив се почесто сретнуваме и по еден таблет компјутер и секако еден смартфон.
Тоа е мобилното тројство, кое ќе биде наше секојдневие. Десктопот ни служи за професионалната работа, таблетот нè организира во еден поинаков формат, со мобилните комуницираме. По завршување на работното време, таблетот и телефонот се тие што нè придружуваат и ни ја даваат потребната мобилност и достапност и за работа и за забава. Користењето на трите уреди во текот на работното време, можеби е идеален микс кој ќе нè натера и да се опуштиме за момент, читајќи документи на таблетот навалени на столицата.
Можеби сме осудени да ги носиме професионалните болести со нас, но барем не мора да бидат до тој степен развиени. Денес, телата што се грижат за безбедноста и здравјето при работа, дефинирале дека се потребни чести паузи од работата пред компјутер, чести вежби, ергономски столици итн. Компаниите сè почесто се обезбедуваат со покомфорна средина, работен мебел и атмосфера.
Затоа редовно гледаме фотографии и видеа од познатите светски компании, каде вработените работат во лежерни позиции, со најразлични ИТ уреди во раце. Очигледно, мобилното тројство одлично се вклопува во таквата слика.
Трајче Стојанов, дипл.инж.арх.