Насловна / Екологија / Големи очекувања, скромни изгледи за наследникот на Протоколот од Кјото

Големи очекувања, скромни изгледи за наследникот на Протоколот од Кјото

konferencija-za-borba-protiv-klim-1.jpgФинансирањето, компензацијата на штетите предизвикани од климатските
промени и алокацијата на јаглеродните кредити се главните точки околу
кои не успеаја да се согласат претставниците на 200 земји членки на
Обединетите нации, на конференцијата за борба против климатските
промени, што од 26 ноември до 7 декември се одржуваше во Доха, Катар.

 

На самитот во Доха, земјите во развој очекуваа поголема посветеност од развиените земји да се справат со климатските промени. Еколозите, исто така, очекуваа силна волја и конкретни предлози за продолжување на познатиот Протокол од Кјото, постојниот план којшто обврза триесетина развиени нации да ги намалат емисиите на стакленички гасови за да се сочува климата, а кој истекува на крајот на оваа година.

 

Како што коментираат аналитичарите, големите очекувања од светската конференција се сведоа на скромни резултати и лавина несогласувања. "Никогаш нема да има доволно амбиција. Факт е дека одговорот на меѓународната политика многу доцни во однос на она што го тврди науката за состојбата во која се наоѓаме. Тоа е вистинска фрустрација", го пренесува агенцијата Ројтерс одговорот на Кристиана Фигуерес, раководителката на Секретаријатот за климатски промени при Обединетите нации, на прашањето како да ги спречиме сушите, поплавите, топлотните бранови и да се спасиме од покаченото ниво на морската вода. Експертите велат дека емисиите на стакленичките гасови оваа година ќе пораснат за 2,6 проценти и се за околу 50 проценти повисоки во споредба со нивното ниво во 1990 година. Последниот пораст на емисиите на штетните гасови се должи на забрзаниот развој на одредени земји, на чело со Кина и со Индија. САД, европските земји и другите развиени нации, како што пренесува Ројтерс, во моментов се соочуваат со финансиска криза и одбиваат да прифатат временска рамка во која треба да придонесат за прибирање на ветените 100 милијарди американски долари годишно, почнувајќи од 2020 година, за помош на земјите во развој да се справат со последиците од климатските промени.

 

konferencija-za-borba-protiv-klim-1.jpg

 

"Многу сме разочарани што развиените земји не си го одржаа ветувањето", вели за Ројтерс Тони де Брум од Маршаловите острови, портпаролот на Алијансата на мали островски држави (АОСИС). Многу земји кои излегуваат на отворено море или се простираат на острови ја искористија конференцијата во Доха да повикаат да се постави праг, според кој порастот на глобалната температура ќе се држи под 2 Целзиусови степени. Тие, според Би-би-си, нагласиле дека и пораст од 2 Целзиусови степени ќе ја загрози нивната иднина. Протоколот од Кјото, додаваат од Ројтерс, е значително ослабнат со повлекувањето на Русија, Јапонија и Канада, а САД никогаш и не го потпишале овој значаен документ. Јаглеродните емисии се превисоки за нешто да се промени Новата студија објавена деновиве во журналот Nature Climate Change ги разбранува научните води.

 

Како што пренесува Би-би-си, во студијата се вели дека човештвото тешко ќе ја задржи глобалната температура да не порасне повеќе од 2 Целзиусови степени во споредба со прединдустриското ниво. Најновите податоци покажуваат дека светските емисии на јаглероден диоксид годинава ќе достигнат 35,6 милијарди тони, а ќе се зголемат за 2,6 проценти во споредба со лани.

Научниците тврдат дека емисиите на штетни гасови најмногу придонесуваат за идните климатски промени и се силен индикатор за потенцијалното глобално затоплување. "Овие последни бројки дојдоа во текот на одржувањето на климатските преговори во Доха, но како што емисиите продолжуваат да растат, изгледа никој не ја слуша научната јавност. Загрижена сум дека ризикот од опасни промени во климата е преголем, според моменталните емисии.Потребен ни е радикален план", ја пренесува Би-би-си изјавата на Корин Ле Кер, директорка на Тиндал центарот за истражувања на климатските промени, при Универзитетот на источна Англија. Како што пренесува Би-би-си, студијата посочува дека просечното зголемување на нивото на CO2 било 1,9 проценти во 1980 години, 1 процент во 1990, но дури 3,1 процент од 2000 година.

 

Неодамна, Светската метеоролошка организација (СМО) јави дека стакленичките гасови во атмосферата достигнале нов рекорд во 2011 година. Организацијата посочи дека нивото на јаглеродниот диоксид лани достигнало 391 ppm. Пораст во нивото е забележано и кај метанот, што е исто така моќен стакленички гас, се вели во извештајот од СМО.

Испрати коментар

Scroll To Top