… СО ДОЗВОЛАТА ЗА ГЕОТЕХНИЧКИ ИСПИТУВАЊА ВО ПАРК-ШУМАТА
Заканата за уништувањето на добар дел од Парк-шумата Водно повторно надвисна над Скопје откако на иницијатива на 18 советници и без никакви образложенија, Градскиот совет £ одобри на Агенцијата за државни патишта, поранешен Фонд за магистрални и за регионални патишта, да врши геотехнички истражувања во Парк- шумата Водно. Во одлуката не пишува зошто ќе се вршат тие истражувања, но советниците од опозицијата нагласија дека зад тоа се крие идејата да се сече дел од шумата на Водно за да се изгради пат до новата населба Сончев Град во Општината Сопиште. Од Агенцијата потврдија дека ќе се испитува дали може оттаму да се гради новата сообраќајница.
Советничката Тања Томиќ побара подетални објаснувања за оваа одлука, пред да се гласа за неа.
– Отворањето на оваа постапка во Парк-шумата Водно воопшто не е наивна работа, па одлуката треба да се одложи за некоја наредна седница. Тука нема ниту предлагач, ниту објаснување зошто ќе се прават истражувањата – рече Томиќ. Ивон Величковски рече дека му е јасно која е вистинската причина, но дека некој треба да има доблест јавно да ја соопшти.
– Треба отворено да се каже дека со ова се бара сечење на шумите за изградба на пат, освен ако Агенцијата нема намера да бара нафта на Водно. Целата јавност треба да види за што станува збор. Затоа би повикал на совеста на советниците да го одбијат овој предлог – додаде Величковски.
Софија Куновска, пак, истакна дека одлуката е надвор од размислувањата на Советот, кој во случајов е само продолжена рака на тие што го туркаат проектот.
– Овде треба само формално да се одобри тоа што е замислено. Слични беа случаите и со споменикот на Скендербег, Деталниот план за Малиот ринг, новиот генерален урбанистички план и други – смета Куновска.
Кон Сончев Град ќе има четири пристапи преку постојниот регионален пат Р-302, кој води од Скопје до Сопиште. Сепак, и надлежните од оваа општина сметаат дека за новата населба е неопходен пристап преку Водно, затоа што таму ќе живееле 700 нови семејства.
– Тоа се околу 3.000 нови жители или од 700 до 1.000 возила. Со Општина Кисела Вода се договараме да изградиме нов пат преку Теферич, но и покрај сe би бил потребен и овој откај Водно – сметаат во Општината.
Тие не одговараат што го прави новиот пат толку неопходен, кога илјадници луѓе од повеќе населени места секојдневно го користат патот Р-302 и таму не се создаваат никакви застои. Од Агенцијата за државни патишта велат дека им била потребна оваа одлука за да можат да почнат испитувања со кои ќе утврдат дали патот за Сончев Град може да се направи низ Водно.
– Не знаеме ниту од каде ќе поминува трасата, но оваа одлука ќе ни овозможи да испитаме. Целта на истражувањата е да се направи проект, а потоа ќе се испитува и какви влијанија би имал патот врз животната средина – објаснуваат оттаму. Од Агенцијата објаснуваат дека им се потребни овие истражувања за да ги испитаат можните траси на патот. Според нив, се уште сите опции се отворени и не е одлучено дали патот ќе се гради низ Водно. – По испитувањата ќе се направи идеен, па основен проект. Потоа тој ќе се предаде на Министерството за животна средина, кое ќе треба да направи студија или елаборат за влијанијата врз животната средина. Ако се утврди дека ќе има негативни последици, ќе се бара алтернатива. Патот Р-302 е во лоша состојба, па затоа бараме нов пристап. Но, не е отфрлена ниту можноста за негова реконструкција – додаваат од оваа институција Од градскиот сектор за заштита на животната средина истакнаа дека Водно е заштитена зона и во Парк-шумата не треба да се дозволи да се градат патишта, па затоа одобрението би било беспредметно. И градоначалникот Трифун Костовски рече дека е против оваа идеја, но дека ќе ја потпише одлуката на Советот затоа што тоа му било законска обврска.
– Градоначалникот уште еднаш го потврдува својот став дека Водно е во интерес на 600.000 скопјани и дека треба да остане заштитена еколошка зона, односно да не се уништува иднината на Скопје со апсурдни проекти. Ова важи и за патот кон Сончев Град, и за најавите дека ќе се отвори патот од Средно Водно кон Врвот, и за изградбата на етнокуќата кај манастирот „Свети Пантелејмон“. Тој ќе ја потпише одлуката само за да си ја исполни законската обврска, но како граѓанин и како градоначалник е против нарушувањето на еколошката рамнотежа на Водно, а со тоа и на Скопје – истакнуваат од неговиот кабинет. За идејата да се гради пат низ Водно до Сончев Град протестираа и екологистите, кои собраа неколку илјади потписи против оваа иницијатива. Тие сметаат дека со тоа ќе се зададе уште еден, можеби завршен удар во уништувањето на заштитената зона, затоа што ќе се создадат услови и за изградба на нови објекти по целата должина на патот.
Т.Г.
Објавено во број 93.