Насловна / Урбанизам / Водич низ ГУП на град Скопје (Наменет е за граѓаните, а особено за стручните лица во општините и планерите)

Водич низ ГУП на град Скопје (Наменет е за граѓаните, а особено за стручните лица во општините и планерите)

vodic-niz-gup-1.jpgГенералниот урбанистички план (ГУП) не можете да го држите во раце,
преголем и претежок е. Спакуван е во 13 книги (без студиите и
експертските елаборати). Тежок е затоа што се базира на исцрпни
истражувачки дејствија, искажани преку експертски елаборати и студии, 26
на број. На експертските елаборати и на студиите, како и на планските
решенија работеа околу 60 специјалисти.

 Во овој број се вклучени
експертите од ИНПУМА, експертите што работеа на планската програма
(Архитектонскиот факултет при УКИМ, Скопје) и стручните лица задолжени
од градот.

Во овој број не се вклучени стручните лица на општините, кои дадоа значителен придонес во изготвувањето на планот. Агенцијата за планирање на просторот го изготви планот и успеа во зададениот рок од две години да го стави пред советниците на градот. Градот има НОВ Генерален урбанистички план. Граѓаните можат да го видат на веб страницата на Градот. Но добро е да се има водич низ ГУП-от!?

 

vodic-niz-gup-1.jpg

 

ГРАДСКИ ЧЕТВРТИ

 

Ако сте урбанистички планер, пред кого е ставена задача за изработка на планска документација од пониско ниво (ДУП или можеби нов вид планска документација – Урбанистички план за четврт) на некои од четвртите утврдени со новиот ГУП на Скопје, препорачувам да почнете веднаш да го читате пишаниот материјал. Прочитајте ја и Документациската основа, па дури и поединечните студии. Можеби нешто од материјалот ќе ви биде од корист во креирањето на просторот на детално ниво. Ако го изоставите текстот, во никој случај не можете да го работите планот без изводот од ГУП-от, кој содржи општи одредби во вид на текст и посебни одредби за четврта во вид на табели комбинирани со текст.

Ова го добивате од градските служби надлежни за урбанизмот. Ако се прашувате како е извршена поделбата на ГРАДСКИ ЧЕТВРТИ – одговорот е: според Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно според планираната примарна улична мрежа.

А примарната улична мрежа во најголем дел се темели на сообраќајната матрица утврдена со планот од 1965 година. Всушност, технички е потврдена формата "Н" која е формирана од главните магистрални улици (Бул."Александар Македонски", Бул. "Никола Карев", Бул. "Македонија" и Бул. "Крушевска Република"). Стручните лица вработени во службите за уредување на просторот не треба да заборават дека Новиот сообраќаен план, како дел од ГУП-от, преку планските одредби овозможува креативен пристап во реализација на сообраќајната мрежа преку инфраструктурни проекти кои можат да се движат и технички да варираат во рамките на регулациските линии.

 

vodic-niz-gup-2.jpg

 

Но, ќе забележите дека некои четврти се оформени и на друг начин, а тоа е според нултата интерактивност или постоечка сервисна улица (улица од понизок ранг) или природна бариера. Овој ГУП е изготвен до ниво на четврт согласно ажурираноста на геодетските подлоги и податоци. При изготвување на Планските програми или при изготвување на плановите од пониско ниво, обрнете внимание на стимулативните а во исто време и на ограничувачките параметри кои ќе ги најдете во општите и посебните одредби за секоја четврт. ГУП-от ги дава насоките како да се заштити јавниот интерес и како да се заштити соседското право, што е основата на урбанистичкото планирање. Совесно испочитувајте ги одредбите утврдени за секоја четврт, преку плански решенија што ќе ја зголемат вредноста на земјиштето и вредноста на постоечките градби. Ова е тежок товар, но обидете се да се справите со природната инвеститорска лакомост со "оружјето" кое ви го дава овој ГУП. Со други зборови, паметно насочете ги инвеститорските желби во креирање хуман, вреден простор, бидејќи на таков начин сите добиваат (и лакомите), односно се зголемува вредноста на земјиштето и на градбите.

 

ПАРАМЕТРИ

 

Ако имате дилеми, кои параметри од посебните одредби се ограничувачки– обврзни, тоа се: наменската употреба на земјиштето процентуално искажана во однос на површината на четврта, границите на наменската употреба на земјиштето, бројот на жители (не смеете да го надминете), односно густината на населеност, како и обезбедување јавен простор, односно зеленило утврдено во одредбите. Секако, за заштитените подрачја и градби, за културното и природното наследство постојат правила и закони кои не смеат да се нарушат. Дали се дозволени отстапувања? Да, и тоа до 4% во корист на наменската употреба на земјиштето со ознака В – Јавни институции, на сметка на другите (но не на сметка на јавниот простор и зеленилото) и отстапувања до 0,1% за другите намени. Исто така намените што се искажани со пиктограми обврзно мора да се постават во четврта, но изборот е слободен.

 

Особено водете сметка за намените кои не се графички обработени на цртежите, а се процентуално искажани – потребно е точно да се лоцираат во плановите од пониско ниво. Групата на класи на намени, слободно може да се додефинира – трансформира во поединечни класи на намени во планската документација од пониско ниво, со посебно внимание на раздвојување на некомпатибилните класи на намени со тампон зони. На што упатува ГУП-от при планирањето? Обрнете внимание на јавниот простор, на јавното зеленило, формирајте линиски центри, декуражирајте го индивидуалниот транспорт за сметка на масовниот, преку осмислени стеснувања на градските улици во поширокото граско централно подрачје, ставете акцент на композицијата во просторот, бидете внимателни со висините на градбите, креирајте амбиент привлечен за граѓанинот со хумани атрибути, применувајте ги мерките за заштита и спасување, валоризирајте го културното и природното наследство…

 

Ако го испочитувате овој ГУП, ќе придонесете во дисциплинирањето на просторот, кој реално е ставен пред многу искушенија. Како и да е, оние што ќе ги изработуваат планските програми, планерите, кои ќе ја работат планската документација од пониско ниво, градоначалниците со стручните служби, ќе се соочат со сериозна задача, темелена според параметрите од новиот ГУП.

 

(Со благодарност до сите учесници во изработката на ГУП-от на град Скопје)

 

Мирко Андовски, дипл.инж.арх.
(раководител на работниот тим на ГУП-от)

Испрати коментар

Scroll To Top