ЈА ПРОМОВИРАМЕ АРХИТЕКТУРАТА НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
Андрија Русан е архитект од Загреб, Хрватска, директор на архитектонската компанија “Архитектс“ која меѓу останатото
го издава списането “Орис“. Роден е 1957 во Загреб, а дипломирал на Архитектонскиот факултет во Загреб 1980, каде работи до 1984. како асистент на професорот Невен Шегвиќ. Од 1986 води сопствено архитектонско биро “ДЕСАР“. Во 1987. учествува на ИБА (Интернатионале Бауаустеллунг) во Берлин како автор на изложбата “Загреб, ах Загреб“, прикажана и во Љубљана, Карлсруе, Виена, Лондон, Њујорк и Балтимор. Во текот на 80-тите и 90-тите години на 20 век беше член на уредниш твото на ЧИП (Човек и простор) и “Архитектура“. Од 1998 е издавач и глаевн уредник на списанието “Орис“. “Орис“ е награден со наградата “Невен Шегвиќ“, на Хрватското здружение на архитекти за истражувачки, критички, теориски и новинарски придонес на полето на архитектурата.
Андрија Русан е автор на изложбата на архитектонските скици “Орис Идеја“, поставена во Загреб 2004., изложба која ги посети Сплит, Риека, Задар, Фиренца, Љубљана, Виена, Белград и Мостар. Во 2006. е именуван за повереник на хрватското претставување на 10. Меѓународна изложба на архитектурата, на Венециското биенале. Автор е на книгата и на изложбата „Соврмена хрватска архитектура – тестирање на стварноста“.
Проектирал и изградил поголем број интериери, семејни куќи и комерцијални објекти; исто така опремил интериери и се занимавал со дизајн на мебел. Во 1997. ја доби наградата на Хрватското здружение на архитектите “Драго Галиќ“ за најдобра станбена архитектура.
За култното списание “Орис“, кое се вбројува во топ 10 на светската листа на архитектонски списанија во светот, вели дека тоа има поднаслов “списание за архитектура и култура“. Тоа е резултат на приватна иницијатива, која ја покрена група луѓе пред 10 години. “Орис“ е ориентиран пред се кон хрватската и словенечката архитектонска сцена и ги поврзува со меѓународната сцена. Ја негува промоцијата на локалната автентичност паралелно со глобалните тенденции. Во состојба кога архитектонската култура се повеќе попушта пред налетите на капиталот, кога архитектурата и културата воопшто ги губат своите позиции на општествено корисни дејности, списанието промовира квалитет и бескомпромисни вредности во овие области. Станува збор за билингвално списание – има хрватско и англиско издание, како и словенечко издание, кое излегува шест пати годишно (првите три години излегуваше 4 пати годишно). “Орис“ прв пат излезе на 2 март 1999 година. Наскоро ќе слави 10 годишнина, а во април излезе 50-от број на списанието.
Со Андрија Русан разговаравме за почетоците, сегашноста и иднината на “Орис“. Како единствено стручно списание кое ја покрива архитектурата на Југоисточна Европа, пополнувајќи ја таа празнина во регионот, во иднина редакцијата планира и поинтензивно да го покрива овој регион. Идната мисија предвидува и подобрување на видливоста, медиумска покриеност и промоција на списанието, кое веќе стартува со видоизменета концепција.
– Како настана „Орис“?
Списанието настана како остварување на желбата на група луѓе да издаваат на најдобар начин на кој можат, едно стручно списание кое пред се ја покрива архитектурата, локалната, регионалната и глобалната. Притоа, не водевме сметка да се следи модел на некое друго списание, туку да направиме списание зад кое можеме да застанеме со својот професионален, стручен, па дури и човечки профил. Луѓето кои застанаа зад оваа идеја се заслужни за успехот на списанието. Јас сум сопственик, но тоа е всушност тимска работа – јас сум архитект кој има своја пракса, а тоа беше како некое хоби. Но, всушност тоа е повеќе од хоби – основавме фирма и почнавме да вработуваме луѓе. Денес “Орис“ има десет вработени.
– Тоа се десет автори кои пишуваат или…?
Не, тоа се луѓе кои се занимаваат со маркетинг, со претплата, организација, а освен нив имаме уредници, кои не се
вработени, потоа преведувачи, фотографи, автори на текстови. Луѓето кои го основаа “Орис“ и денес се тука, еден од нив е Дамир Фабијаниќ, фотограф кој неодамна имаше изложба во Скопје, тој е еден од водечките фотографи за архитектонската фотографија и за архитектурата, Анте Рашиќ, кој е академски вајар и професор на Ликовната академија, кој е инаку дизајнер на списанието. Потоа тука е главниот уредник Вера Гример, архитект која својот цел работен век го помина во Австрија, потоа архитект Анте Никша Билиќ, Тадеј Блажен, архитект и професор на Шумарскиот факултет, кој е Словенец кому му е понудено да стане член на Хрватската академија на наука и култура. Потоа тука е Марое Мрдуљаш, кој денес е одговорен уредник, Алан Констренчиќ, Тамара Замели. Тоа е одличен тим, списанието е тимска работа и секој од нив е мошне важен за нашата работа.
– Како се финансирате? Имате околу 38 страници реклама.
Списанието е потполно независна приватна иницијатива. За да опстанеме, 80 отсто од нашиот буџет се полни преку огласи, остатокот од претплата, а 5 проценти од средства на фондовите на хрватското Министерство за култура и од Градот Загреб. Морам да признаам дека таа поддршка е мала, но состојбата е таква, а од друга страна таа состојба ни овозможува да бидеме потполно независни и свртени кон пазарот. Списанието доста години имаше проблематично финансиско работење, нашите соработници со години чекаа на хонорари или правевме репрограмирање на долговите, а и моето архитектонско студио доста помогна, беше спонзор на списанието, така да речам. Сепак, со рационализација на работењето, и со разбирање од страна на соработниците, списанието по 6-7 години влезе во позитивна нула, и денес се покрива, посебно благодарение на манифестацијата “Денови на Орис“ која е еден, се осмелувам да кажам, фундраисинг евент. И другите проекти со кои се занимаваме во “Орис“, а тоа се изложби, издавање книги и така натаму, овозможија да работиме позитивно.
– Дали изработивте евалуација, дали подвлековте црта под своите 10 години, и анализиравте – дали “Орис“ ја задоволува својата целна публика, и дали публиката го задоволува “Орис“, во смисла на тиражот и колку таа публика е кооперативна?
Па видете, мислам дека треба да бидеме реални. Едно се очекувањата, кои ако немаат врска со реалноста се проблематични, а ако имате квалитетни, реални проценки и ако ги остварувате, тогаш можете да бидете задоволни. Можам да кажам дека после нашите 10 години имаме причина да бидеме задоволни. Самото тоа што постоиме 10 години, а Вие имавте прилика и да го видите, прелистате списанието, и да се уверите во неговиот квалитет, е доказ за тоа. Нешто што не е квалитетно, што не задоволува, не би постоело 10 години. Она што сега, после толку време го знаеме, е дека бројот на претплатниците е тој кој реално оваа сцена, овој пазар, може да го даде. Нашиот пазар е првенствено Хрватска, потоа Словенија, далеку зад тоа се поранешните југословенски републики, “Орис“ може да се најде и во странство, но состојбата на пазарот на списанија во светот е напросто таква што она што денес го остварува “Орис“ е реално добра ситуација. Постојат показатели кои говорат дека списанието е квалитетен производ – иако може да наликува на самофалба, ќе речам дека пред извесно време добивме и-меил порака од издавачката куќа “Скира“, денес буквално една од најважните издавачки куќи во Европа, па и во светот, специјализирани за уметност, архитектура и култура, во која тие не молат да им доставиме материјали што тие би ги внеле во својот годишник, бидејќи сметаат – токму така ни напишаа – дека е “Орис“ едно од најдобрите архитектонски списанија во светот. Кога ќе добиете такво нешто, секако нема да помислите дека сте најдобри, но тоа е сепак голем комплимент. Тие се швајцарско-италијански издавач и ние немаме никаков интерес на тој пазар, но тоа значи дека списанието има таков квалитет кој ги задоволува дури и тамошните читатели. Манифестацијата “Денови на Орис“ се исто така показател на односот, на задоволството на нашите читатели и на луѓето кои ја следат нашата работа. На оваа манифестација веќе имаме над 2.500 посетители. Во текот на два дена кон крајот на октомври, доаѓаат да ги отслушаат тие десетина предавања што ги организираме, да дискутираат и да слушнат новини.
– Освен содржината, голем дел од имиџот на списанието “Орис“ го чини фотографијата. Колку тој вид фотографија е развиен во Хрватска? Како се едуцираат фотографиите специјализирани за архитектонска фотографија?
Никако не се едуцираат. Нема школа за тој вид фотографија. На Академијата за актерство и режија постои отсек за камера, на Факултетот за дизајн има отсек за фотографија, но главно тие се самоуки фотографи. Дамир Фабијаниќ кој работи за нас, е на пример, по струка машински инженер. Во Хрватска секогаш имало неколку интересни фотографи на архитектурата, Фабијаниќ секако е еден од најдобрите, мислам дека сега има неколку помлади фотографи кои одат по неговите стапки. “Орис“ силно инсистира, речиси бескомпромисно, на авторска фотографија. Се случувало да одбиеме прилози, дури на познати светски архитекти, кога би добиле лоши фотографии со нив. Секоја фотографија во “Орис“, која е дел од авторски приказ на некој објект или на некоја тема, е авторска фотографија – таа е дело на професионалец, нарачана од нас. Тоа значи дека ако треба ние го праќаме фотографот на кој било крај од земјината топка да сними одреден објект.
– Дали “Орис“ негува постојани рубрики?
Да, секако. Таквата поделба по рубрики помага да имаме еден континуитет, а секако дека рубриките со години се надополнуваат, менуваат. Секогаш, што е доста голема реткост во сличните списанија во светот, “Орис“ го негува новинарскиот жанр интервју. Тоа се интервјуа кои ги објавуваме на минимум 18, па дури и 30 страници. Работени се во живо, мислам дека немаме ниту еден кој е направен по и-меил, а досега имаме барем 100 објавени интервјуа, со познати имиња од домашната и меѓународната сцена. Тоа се интервјуа заради кои се патува, работевме едно во Порто, сега се работи во Мадрид, објавуваме барем едно, а некогаш и две интервјуа. Тоа за “Орис“ е мошне важна рубрика. Интервјуираните се главно архитекти, но имало и критичари, мислители, уметници, интересни личности и така натаму.
– Дали соработувате со новинари кои ги ангажирате да изработат интервјуа?
Не, ние ги работиме интервјуата. Имаме уредништво кое го уредува списанието, и поголемиот дел од тоа уредништво ги пишува текстовите. Секогаш настојуваме интервјуата да ги работат нашите уредници, понекогаш ангажираме лица од надвор за кои знаеме дека би можеле добро да направат интервју со одредена личност. Обично интервјуто го водат еден или двајца уредници. Имаме своја уредувач ка политика, и поради тоа работиме на таков начин. Освен интервјуата имаме и прикази на рецентни објекти, на наследството, критич ки текстови. Деведесет отсто од текстовите се нарачани и пишувани за нас. Ретко пренесуваме туѓи текстови – никогаш не сме пренеле интервју, но неколку пати сме пренеле некој критички текст и приказ на изложба.
– Имате и текстови од областа на уметноста.
Да, “Орис“ има поднаслов “Списание за архитектура и култура“. Освен архитектурата, прикажуваме и други уметности: дизајн, сликарство, фотографија, литература. Во секој број пренесуваме и некоја литературна творба, приказна, која не мора да биде поврзана со архитектурата. Секако, сметаме дека еден добар архитект мора да биде образован човек и дека треба да покажува интерес и за другите уметности, и ако тој е таков, секоја куќа која ќе ја проектира ќе биде комплексно дело. Добрите архитекти се секогаш комплетни интелектуалци.
– Колку списанието има ангажиран став? Ги следите и прикажувате ли проблемите во фелата и во областите кои ги покривате?
Кога стартуваше “Орис“, во редакцијата заклучивме дека сакаме тоа да биде “убаво“ списание, и да прикажува убави работи. Сакавме да прикажуваме објекти кои ќе служат како позитивни примери и да ги поттикнеме луѓето да размислуваат за убавината. Исто така, решивме дека не сакаме да се вклопиме во некаков сензационализам и жолтилото на некои медиуми кои владееја и денес владеат во Хрватска. Бевме, се разбира, свесни дека тоа можеби нема да ни донесе голема читачка публика. По некое време, сега одиме со нов дизајн кој означува и нова ера и малку изменета концепција во “Орис“, па сакаме да воведеме и малку повеќе критичност. Сакаме аналитички да се поставиме кон проблемите, што значи да пренесуваме и негативна критика. Тоа во Хрватска е доста тешко, затоа што ги забораваме времињата кои поминаа кога постоеше конкретна архитектонска критика која и денес во светот најнормално постои. Во општествата како австриското, англиското, француското, германското, во дневните весници редовно има сериозна архитектонска критика. Тоа изумре на нашите простори. “Орис“ би сакал сега втемелено, сериозно, аналитички да пишува критички текстови за она што се случува на сцената. Пред се за да бидеме свесни што е негативно и да почнеме за тоа да размислуваме.
– Присуствувавте на последното Биенале на македонската архитектура. Се претставивте, го претставивте списанието – дали можеби размислувате за проширување на пазарот и на теренот на Македонија?
Ние би сакале да го прошириме пазарот, но без поголеми вложувања мислам дека тоа не е возможно. Се обидовме во Босна и Херцеговина да се пробиеме на пазарот, дури основавме и фирма таму, го испитавме пазарот. Се сеќавам само на една изложба во Сараево на која го продававме “Орис“, “отидоа“ 70 примероци. Помисливме: “Ова е феноменално“. Го промовиравме списанието, а промоцијата беше многу посетена, дојдоа многу луѓе и купија доста примероци од списанието. Помисливме дека треба да тргнеме на овој пазар, дека луѓето се гладни за ваков вид списание. Ангажиравме агенција, регистриравме фирма, им се обративме на сите архитекти во Босна и Херцеговина, и дојдовме до 50-60 претплатници. Тоа не беше исплатливо. Отидовме и во Србија, таму одеше ужасно тешко. Веројатно времињата беа такви, општата ситуација влијаеше. Лани организиравме една изложба, “Орис Идеа“, на оригинални архитектонски цртежи, скици, во Музејот на современа уметност во Белград. Имаше големо интересирање и од страна на архитектите и од медиумите. Но, не можеме да ја постигнеме критичната цифра на продадени примероци. Дојдовме до заклучок дека можеби треба да се работи српско издание на “Орис“, веројатно во соработка со некого, кое би било поинтересно по својата содржна за српската читателска публика. За Македонија досега не сме работеле ништо. “Орис“ доаѓа во Македонија во помал број примероци, но не сме организирале ништо. Би биле заинтересирани да го прошириме пазарот и тука, ако пронајдеме партнер, и тоа таков кој би презел и дел од ризикот. Ние сме среќни што воопшто успеавме со овој проект да опстанеме 10 години. Многумина се изненадени, посебно луѓе од странство, кога ќе слушнат дека во овој регион, во Југоисточна Европа каде има големи проблеми, и политички, и економски, успева едно списание од овој вид.
– Можете ли да ни кажете нешто повеќе за манифестацијата “Денови на Орис“?
Тоа е манифестација која се одржува веќе седум пати, оваа година ќе биде осми пат. Секоја година во текот на последниот викенд во октомври повикуваме десетина предавачи, архитекти од целиот свет, а секогаш има еден од Хрватска и еден од Словенија, бидејќи тоа се подрачја на нашиот интерес. Тоа се луѓе со светско реноме, некои од нив се добитници на Прицкеровата награда, која во архитектурата е еквивалент на Нобеловата. Имаме многу посетители и затоа и проблем со просторот. На пример, концертната палата “Ватрослав Лисински“ во Загреб која има 1.850 места е премала за нашата публика, поради што мораме две недели пред манифестацијата да ја сопреме регистрацијата на посетителите, па почнуваат јавувања, барања за место за стоење, на пример, ако од Македонија ми се јавите да прашате дали имаме место за полн автобус луѓе, како да Ви кажам дека немаме? И покрај се, сепак се собираат над 2.500 луѓе. Оваа манифестација очигледно предизвикува големо внимание и во регионот. Лани имавме, на пример, 70 посетители од Македонија, 150-200 од Белград, стотина од Нови Сад, 300 од Словенија – имавме посетители од вкупно 11 држави.
– Дали е проблем да се дојде до архитектите – предавачи? Колку однапред планирате?
Речиси цела година планираме однапред. Веќе во декември имаме обезбедено согласност од две третини од предавачите кои ќе дојдат идната година на “Деновите на Орис“. Веднаш штом заврши една манифестација, почнуваме со пишување писма, со поканување на архитектите за идната манифестација, бараме начини како да дојдеме до нив…
-Секако истото го правите и за да обезбедите спонзори?
Да, секако. Деновите на Орис се финансираат преку спонзори и преку влезници, па веднаш почнуваме и со обезбедување спонзорство. Добиваме помала помош од градот и од државата, но спонзорите се сепак најважни. Тоа е толку успешна манифестација, што, откако ќе заврши, спонзорите веќе за следната година ни резервираат простор. Нашите вработени кои се занимаваат со маркетинг, од фирмата “Архитектс“ работат одлично, да не се тие “Орис“ не би постоел.
Маријана ИВАНОВА
Објавено во број 91.